Топ
Странски државјанин прошверцувал над 43 килограми златен накит, цариник осомничен дека му помагал

32-годишник прошверцувал над 43 килограми разновиден накит на влез во земјата на граничниот премин Аеродром Скопје.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, од кои едното е осомничено за кривично дело шверцување од член 278 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а второто за помагање при извршување на кривичното дело, соопштија од таму.
Имено, на 20 март, на граничниот премин Аеродром Скопје, на влез во земјата, осомничениот 32-годишник со двојно турско и српско државјанство пренел непријавена стока преку царинската линија.
Станува збор за над 43 килограми разновиден накит, во вкупна вредност од 2.200.000 евра. Во тоа со умисла му помогнал вториот осомничен со отстранување на пречките за извршување на кривичното дело.
Странскиот државјанин пристигнал со лет од Истанбул за Скопје и во просторот наменет за подигање на багажот го пречекал неговиот помагач, вработен во Царинската управа на РСМ, кој во тој момент не бил на смена и чија сестра патувала со истиот авион.
Царинскиот службеник го зел багажот и од сестра си и од осомничениот, па ги ставил на количка за багаж по што сите тројца се упатиле кон зелениот коридор за излез од аеродромот, без пријава на царинска стока.
Зелениот коридор бил затворен со безбедносна лента, па осомничениот цариник ја тргнал лентата и продолжил кон излезот. На тоа реагирал царинскиот службеник што го контролирал летот, но осомничениот се претставил како колега цариник и продолжил заедно со сестра си и со осомничениот странски државјанин да се движи кон излезот. Тогаш интервенирале царинските службеници на смена, извршиле претрес на лицата и во ранецот на патникот од Истанбул пронашле 15 килограми златен накит, а преостанатиот вреден накит бил пронајден во куферот на осомничениот натоварен на количката за багаж.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност да ги скријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело, да ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоци и услови да го повторат кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Регион
ЕУ им се заканува на Србија и Косово: Ќе ве казниме ако се повтори насилството

Европската унија денеска се закани дека ќе воведе казнени мерки за Србија и Косово доколку не спречат повторување на насилството што беше насочено против меѓународните мировници по спорните локални избори за градоначалник. „Неуспехот да се деескалираат тензиите ќе доведе до негативни последици“, се вели во соопштението на ЕУ објавено во саботата.
Во соопштението за медиумите се повикува на итно воспоставување мир на северот на Косово, каде што на крајот на мај српските милитанти ги нападнаа мировниците на НАТО со запаливи средства и камења за време на протестот во селото Звечан. Ранети се 30 италијански и унгарски војници и повеќе од 50 Срби.
Како точно би можеле да изгледаат „одлучните мерки“ на кои се заканува ЕУ не беше објаснето. Можно е да се намали финансиската поддршка што ја добиваат двете земји како кандидати за влез во ЕУ. Соработката исто така може да биде ограничена. „Насилството можеше да се избегне и мора да се избегне во иднина“, се вели во изјавата што во име на ЕУ ја објави комесарот за надворешни работи Жозеп Борел.
ЕУ ги повика Косово и Србија да преземат итна и безусловна акција за деескалација на ситуацијата и „да престанат да користат реторика за поделби и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани акции“.
Неодамнешните протести се разгореа по изборот на нови градоначалници во северно Косово, политичари од албанско потекло кои победија на дополнителните избори, кои беа бојкотирани од Србите по налог на властите во Белград.
Свет
Лукашенко: Направивме само една грешка со Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека „единствената грешка“ што ја направија Русија и Белорусија е „што не го решија прашањето (со Украина) во 2014 или 2015 година, кога Украина немаше војска и беше неподготвена. Да потсетиме, Русија во 2014 година изврши инвазија и анексија на Крим, додека борците поддржани од Кремљ окупираа дел од територијата во источна Украина.
Коментарите на Лукашенко беа дадени за време на состанокот со шефовите на безбедносните агенции на Заедницата на независни држави, кој го сочинуваат поранешните советски земји. Политико пишува дека овие коментари сугерираат дека Лукашенко целосно ја прифатил неговата трансформација во марионета на рускиот претседател Владимир Путин.
Односот на Лукашенко со Путин помина низ различни фази. Меѓутоа, откако Кремљ му помогна на Лукашенко да го реши проблемот со масовните улични протести по претседателските избори во 2020 година, белорускиот претседател вети апсолутна лојалност кон Путин.
Белорусија ѝ помогна на Москва да ја започне својата целосна инвазија на Украина во февруари минатата година, а подоцна се согласи да добие руско нуклеарно оружје на нејзина територија. Лукашенко тврди дека знаел дека Русите ќе извршат инвазија. „Ако војната не почнеше минатата година, ќе почнеше утре, но со полоши услови за Русија и Белорусија“, додаде тој.
„Единствената грешка што веројатно ја направивме беше тоа што не го решивме ова прашање во 2014-2015 година, кога Украина немаше војска. Сакавме да го решиме по мирен пат. Сепак, тие го искористија овој пат за да развијат вооружени сили подготвени за борба“, заклучи тој.