Топ
Струмичанец осуден на 20 години затвор ќе одговара за уште едно убиство

Струмичкото основното јавно обвинителство против лице од селото Добрејци покрена обвинение за кривично дело убиство.
Станува збор за обвинет кој годинава веќе е осуден на казна затвор од 20 години за уште едно такво кривично дело.
Во текот на истрагата, обвинителството прибрало доволно докази кои ги потврдуваат сомнежите дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва – Александар Мицев од Струмица.
Според обвинителстовото, тој го убил Мицев на подмолен начин и од материјални побуди.
На 9 октомври 2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле договор за купопродажба на деловна просторија, во која оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач.
По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готово.
Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје во пределот на главата на жртвата, по што во речиси истиот момент настапила смрт.
Обвинетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со фолија. Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски: Уште незалечени раните за случајот на Онкологија, има нова афера

Во услови кога не се залечени раните од оној траур и гнев што секој од нас го чувствува поврзан со она што се случувало на Клиниката за онкологија, стигнува нова афера, во која ќерка дава тендер на татка си, и тоа ни помалку ни повеќе, туку 3 милиони евра, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при денешната посета на општина Илинден одговарајќи на новинарско прашање за најновата афера поврзано со Клиниката за хематологија, чија директорка Пановска доделила тендер на веледрогеријата на својот татко.
Мицкоски истакна дека оваа спрега трае со години, можеби децении, и затоа здравството е доведено до ова дереџе, но посочи дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе ги испита сите сомнежи за криминал и секој што сторил криминал ќе одговара.
„Повторно ќе кажам, од оваа Влада не очекувам ништо, следната влада на ВМРО-ДПМНЕ има сериозна намера да се занимава со криминалот од која било форма, дали е ваков семеен, дали е оној што планираат да го амнестираат преку оној нов закон за амнестија или политички криминал, што го генерираат овие во Владата“, рече Мицкоски.
Топ
Прегазен пешак во Скопје: во него удрил мопед управуван од малолетник

Вчера, во 15.30 часот, во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од улицата Благоја Паровиќ и улицата Никола Милошевски во Скопје, мопед со скопски регистарски ознаки, управуван од малолетник од Скопје, удрил во пешакот А. А. (84) од Скопје.
Во несреќата пешакот добил тешки телесни повреди, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
Топ
Починат маж пронајден паднат на улица во Гостивар

Утрово, во 7.30 часот, во СВР Тетово било пријавено дека во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“ бил донесен починат 66-годишниот гостиварец Џ. Р.
Според пријавеното, непосредно пред тоа, без видливи траги на насилство, тој бил пронајден паднат на улицата Илинденска во Гостивар.
По наредба на јавен обвинител ќе се врши обдукција.