Топ
Тројца осомничени за убиство на ракометарот на РК „Бутел“

По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде низа наредби и тоа: Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата, објаснуваат од оваа институција.
Во писмената информација се дообјаснува дека врз основа на прегледаните видео записи идентификувани биле три лица за кои предметниот обвинител по добивање на кривичната пријава ќе донесе Наредба за спроведување на истражна постапка, поради постоење на основано сомнение дека осомничените меѓу кои една девојка (19) сториле кривично дело Убиство од член 123 став 1 вв член 22 од КЗ.
„Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис. Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор“ е наведено во официјалното соопштение.
Во напишаното уште се додава дека денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија била извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, како што соопштуваат надлежните, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
Според информацијата од Обвинителството, кривично правниот настан се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест. Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Орбан прогласи вонредна состојба во земјата

Унгарската влада денеска прогласи вонредна состојба, соопшти премиерот Виктор Орбан.
Причина за прогласување вонредна состојба е војната во Украина, а таа ќе стапи на сила на полноќ.
Во видеото што го објави на Фејсбук неколку часа откако парламентот го усвои амандманот на уставот во кој се наведуваат конфликти, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја како причини за преземање таква мерка, Орбан рече дека војната во Украина претставува закана за Унгарија. физичка сигурност на своите граѓани, енергетски залихи и финансиска сигурност на семејствата и стопанството, јавува МТИ.
Тој нагласи дека Владата која денеска положи заклетва веднаш почна со работа и посочи дека се уште никој не го гледа крајот на војната во Украина.
„ Светот е на работ на економска криза. Унгарија мора да се држи настрана од оваа војна и да ја заштити финансиската сигурност на семејствата“, рече Орбан.
Тој додаде дека за да се направи тоа, Владата мора да биде способна да носи одлуки и брзо да реагира.
„ Вонредната состојба, слична на онаа воведена за време на пандемијата, ќе и овозможи на владата брзо да реагира и да ги искористи сите достапни методи за заштита на Унгарија и Унгарците“, рече Орбан.
Унгарскиот парламент претходно денеска го усвои 10-тиот амандман на Уставот, со кој се дозволува владата да прогласи вонредна состојба во случај на вооружен конфликт, војна или хуманитарна катастрофа во соседна земја.
За амандманот гласаа 136 пратеници, а против беа 36.
Македонија
(Видео) Пендаровски од Давос: Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО, туку и за ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Одржувањето на безбедноста во Европа“.
Учесници на дебатата беа Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, премиерот на Белгија, Александар де Кро, министерката за одбрана на Холандија, Кајса Олонгрен и шефот на претседателската администрација во Украина, Андриј Јермак, модерирана од новинарката Френсин Лаква, уредничка во Блумберг.
Во фокусот на дискусијата беше војната во Украина, како заедничка закана што го урна безбедносниот поредок кој со децении ѝ помогна на Европа да напредува во мир, но и чекорите што Европската Унија треба да ги преземе во радикално променетиот контекст.
Учесниците на панелот ја осудија руската агресија и изразија поддршка за украинскиот народ. Тие ја посочија важноста од превенција на ескалација на конфликтот во Украина и неопходноста да се обезбеди заштита на НАТО сојузниците.
Претседателот Пендаровски истакна дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметна потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата кон земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на нашиот регион, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.
Нагласи дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.
„ Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина“ додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош и дека политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија.
„Политиката на отворени врати не треба да важи само за НАТО Алијансата, туку и за Европската Унија. Во спротивно, концептот за обединета Европа, во мир со себе и со светот од Атлантикот до Урал, ќе биде само сон“, рече претседателот Пендаровски.
Топ
Од водите на Вардар извлечен маж и итно пренесен во болница

Mеѓу зградата на МРТ и Железничкиот мост од водите на реката Вардар во Скопје бил изваден маж од Скопје, кој бил во контактибилна состојба.
Како што информираат од МВР, се работи за К.В.(55), кој е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош. Се работи на расчистување на случајот.