Топ
Уапсен 53-годишник, извршил обљуба врз малолетник од Струмица со пречки во развојот
Вчера во 18.25 часот, полициски службеници од СВР Струмица лишиле од слобода 53-годишно лице од струмичко, кој се сомничи дека околу 11.30 часот во подрумски простории на станбена зграда во Струмица извршил обљуба врз малолетник од Струмица со пречки во развојот, извести МВР.
„Лицето било задржано во Полициската станица Струмица и за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица“, соопшти МВР.
По документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филков за протестите за полагање на правосуден испит: Македонскиот јазик не е пречка, тој е обврска
Најостро реагирам на обидот, полагањето на правосудниот испит да се претвори во поле за политички притисок и етничка конфронтација. Правосудниот испит не е прашање на политика, туку прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок на државата. Обидите да се прикаже законската обврска за познавање на македонскиот јазик како дискриминација се опасна манипулација со јавноста и директен удар врз уставниот поредок, реагира министерот за правда Игор Филков за протестите.
„Македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на Република Северна Македонија и темел на институционалниот и правниот систем.
Недозволиво е чувствителни теми што директно го засегаат правниот систем да се користат за собирање политички поени или за создавање меѓуетнички тензии.
Правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и професионални стандарди, а не според дневно-политички агенди или притисоци од улица. Правото на протест е демократско право, но никој нема право преку насилни протести да бара уривање на критериумите и стандардите во правосудството“.
Министерството за правда, додава тој, останува отворено за аргументиран институционален дијалог, но нема да дозволи девалвација на правосудниот систем, ниту поткопување на улогата на македонскиот јазик како столб на државноста и институционалниот поредок.
Македонскиот јазик не е пречка — тој е обврска, уставна вредност и гаранција за функционирање на државата.
Македонија
(Видео) Филипче: Во Владата на Мицкоски врие од бугарски пасоши
Граѓаните добија уште едно јавно и многу јасно признание од организираната криминална група на Христијан и ВМРО, а тоа е дека во владата врие од луѓе со бугарски пасоши. Одбија да го прифатат предлог-законот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, со кој премиерот, вицепремиерите, министрите и членовите на Владата не би можеле да имаат двојни државјанства, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој вели дека не го поддржале предлогот затоа што така пола влада требало веднаш да си замине.
„Може целата влада да биде составена од луѓе кои во џебот имаат бугарски пасоши, ама Бугари во Уставот, тоа не може“, рече Филипче.
„Со години ширеа хистерија, ширеа страв и ги лажеа граѓаните дека е загрозен нашиот национален идентитет. Токму од овие луѓе кои, замислете, во џебовите имаат бугарски пасоши. Вицепремиери, министри, пратеници, градоначалници, директори, цела мрежа на функционери на ВМРО-организираната криминална група со бугарски пасоши со години продава лажен патриотизам, додека тивко си обезбедувале европски документи за себе и за своите семејства. И додека ја држат Македонија во изолација и намерно создаваат конфликти со соседите, си ја обезбедиле само за себе својата европска иднина“, рече лидерот на СДСМ.
Според него, одбивањето да се прифати овој предлог-закон на СДСМ целосно ја разобличува нивната лицемерна политика.
Тој вели дека со внесувањето на Бугарите и другите малцинства во Уставот се зајакнува нашиот национален идентитет, сите идентитетски одредници, бидејќи тогаш, како што кажа, јасна е дистинкцијата помеѓу македонскиот народ и бугарското малцинство кое живее тука.
Македонија
Со новиот закон за игрите на среќа, македонскиот филм добива нова шанса за развој, сметаат филмските работници
Друштвото на филмските работници на Македонија (ДФРМ) ја поздравува одлуката за усвојување на предлог-законот за игри на среќа и за забавните игри, кој влегува во Собраниска процедура, а со кој се предвидува Агенцијата за филм да добива 3% од уплатените давачки од игрите на среќа.
„Ваквиот потег на Владата недвосмилено покажува голема поддршка и препознавање на успехот кој години наназад го постигнуваат македонските филмови и покажува силна решеност за поттикнување и зајакнување на развојот на филмската дејност во Македонија. Овој механизам ќе овозможи уште поголема и посистематизирана поддршка на домашната филмска продукција и меѓународните копродукции, исплата на заостанатите долгови, како и повторно отворање на конкурсите за пишување на сценарио, развој на проекти, пост-продукција, промоција и ТВ серии“, велат од ДФРМ.
Од таму велат дека првпат чувствуваат дека нивната работа е видена и препознаена.
„Ние филмаџиите, после многу години борба и апелирање за состојбите во дејноста, за прв пат чувствуваме дека нашата работа е видена и препознаена, а нашиот глас слушнат од страна на државата, за што сме благодарни. Друштвото на филмските работници на Македонија останува на располагање на Агенцијата за филм и сите останати државни институции за соработка и стручна консултација за понатамошен развој на филмската дејност“, се наведува во соопштението.
