Црна хроника
Шест млади мигранти спасени од заложништво, ги држеле во подрум им давале минимална количина на храна и вода : истрага против татко и двајца синови

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против татко и двајца синови, поради основано сомнение дека сториле кривични дела – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно лице и криумчарење на мигранти и кривично дело Криумчарење на мигранти.
Имено, во текот на вчерашниот ден на електронската адреса на Службата за односи со јавноста пристигна порака со линк од локација и следната содржина: „Ние сме 6 странци и бевме киднапирани од вооружена група која бара пари за да не ослободи. Ве молиме за итна помош. Се наоѓаме на оваа локација, во куќа во складиштето на куќата.SOS!“, која порака во координација со јавен обвинител од ОЈО Скопје беше проследена до Секторот за компјутерски криминал во МВР. По брзата реакција и извршениот претрес во подрумските простории на станбен објект во с. Студеничани од страна на полициските службеници од МВР беа пронајдени шестмина илегални мигранти од кои пет малолетници и едно деветнаесетгодишно лице.
Двајца од осомничените, во текот на месец март годинава, заедно со организатор по потекло од арапските земји кој престојувал во Р Грција и повремено во скопскиот регион, со цел стекнување имотна корист се здружиле и како дел од меѓународна криминална мрежа организирале меѓународна криминална група во РСМ која имала за цел вршење на кривично дело – Криумчарење на мигранти. Групата co помош на водичи т.н. ,,качаци“ организирала илегално пренесување на групи мигранти од територијата на РГрција на територијата на PC Македонија преку илегални премини т.н. зелена граница. По дадени задачи и насоки од првоосомничениот, неидентификувани припадници на групата со ПМВ ги прифаќале и ги преземале мигрантите и ги превезувале до с.Студеничани од каде тројцата осомничени ги прифаќале и времено ги засолнувале, а потоа илегално ги пренесувале од територијата на Р Србија кон државите на ЕУ.
На ден 21.03.2025 година илегално биле превезени шестмината мигранти кои првоосомничениот ги сместил и засолнил во подрумските простории на објект сопственост на неговиот татко во с. Студеничани. Со цел мигрантите да не го напуштат објектот просториите во кои биле сместени биле постојано заклучени, а второ и трето осомничените го обезбедувале објектот. На мигрантите им давале минимална количина на храна и вода, едно шише вода на ден за сите шест мигранти, а подрумските простории можеле да ги напуштат само заради извршување физиолошки потреби.
Првоосомничениот во повеќе наврати секој ден им го загрозувал животот и здравјето заканувајќи им се дека нема да го напуштат подрумот сѐ додека од страна на нивните блиски не бидат исплатени парични средства во висина од 5.000 евра за да обезбеди нивно понатамошно илегално пренесување до Р Србија. За таа цел најпрво им ги земал мобилните телефони на сите шестмина, по што во текот на четирите дена колку што престојувале, на двајца од нив им дозволувал еднаш дневно да остварат видео повик со криумчарот организатор од арапските земји со цел истиот да ги извести нивните семејства да ги исплатат бараните парични средства.
Ценејќи дека се исполнети условите за определување на мерката притвор, предметниот обвинител ќе му предложи на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд истата да ја определи за сите осомничени, соопшти обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Штипјанец тешко повреден: со мопед паднал на коловозот

Синоќа околу 20.10 часот во СВР Штип било пријавено на ул.„Суитлак“ во Штип, И.Ј.(47) од Штип, управувајќи мопед без регистарски таблички, паднал на коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Штип.
Црна хроника
Се степале поради недоразбирање во сообраќајот

Синоќа во 23.30 часот во Скопје, полициски службеници го лишиле од слобода Л.Д.(26) од с.Зелениково.
Тие постапиле по претходна пријава дека во 19.40 часот на подрачјето на Кисела Вода, поради недоразбирање во сообраќајот, физички го нападнал Т.А.(36) од Пробиштип, со престој во Скопје и го оштетил неговото патничко возило „мазда“.
Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветен поднесок, соопшти полицијата.
Црна хроника
2.252 сообраќајни прекршока во празничниот викенд, 1.018 за брзо возење

Во текот на празничните денови продолжувајќи со континуираните сообраќајни контроли на патиштата низ земјава, полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи издале вкупно 2252 платни налози за сторени прекршоци од страна на учесниците во сообраќајот претежно по однос на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Притоа, заради неправилно паркирање евидентирани биле 308 прекршоци, 1018 заради возење со брзина поголема од дозволената, а дури 254 учесници во сообраќајот управувале возило без возачка дозвола.
Исто така регистрирани биле 105 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас, санкционрани се 25 возачи на мотоцикл за возење без заштитна кацига, потоа изречени се 46 мерки за користење на мобилен телефон при возење, додека пак 66 возачи се отстранети од сообраќај заради возење под дејство на алкохол, а изречена е 21 санкција за минување на црвен семафор.
По однос пак на Законот за возила од сообраќај отстранети се 60 возила од кои заради техничка неисправност 13 а заради неважечка сообраќајна дозвола 47 возила.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи