Топ
Велешанец се обидел да запали казино
Полицијата уапси велешанец кој се обидел да предизвика пожар во казино.
Според информациите од полицијата, ноќеска околу 1 часот по полноќ во Велес на улица „8 Септември“ бил уапсен Б.Ќ.(56) од Велес, бидејќи се обидел да предизвика пожар во казино.
Додека се обидувал да опожари дел од инвентарот во казиното, тој бил спречен од полициски службеници и бил приведен во полициска станица. По целосно расчистување и документирање на случајот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во затворен маркет на улицата „Востаничка“ во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или се во вкупна вредност од 285.000 денари.
Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго делувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел, кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа заедно со останатите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор сега осомничениот заедно со другите лица влегол во просторијата наменета за вработени, од каде го одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата соопшти дека работи на откривање на неговите соучесници.
Свет
САД ставија вето на приемот на Палестина во ОН
Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации „Државата Палестина да биде прифатена како членка на ОН“.
Воздржани беа Велика Британија и Швајцарија, а „за“ гласаа Словенија, Сиера Леоне, Русија, Јужна Кореја, Мозамбик, Малта, Јапонија, Франција, Гвајана, Еквадор, Кина и Алжир.
Претходно вчера, заменик портпаролот на американскиот Стејт департмент, Ведант Пател, потврди дека Вашингтон ќе стави вето на гласањето во Советот за безбедност на ОН, наведувајќи дека нема едногласно мислење меѓу членовите на комитетот за тоа дали Палестинците ги исполнуваат критериумите неопходни за да бидат дефинирани како држава.
Палестинската управа (ПА) го осуди потегот, нарекувајќи го „нефер, неетички и неоправдан“.
Кабинетот на претседателот на палестинската управа Махмуд Абас го нарече американското вето „еклатантна агресија … туркање на регионот преку работ“.
Израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац го пофали американското вето, додавајќи: „Срамниот предлог беше отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.
Свет
Небензја: Америка го крши духот на Палестинците, ги принудува да му се покорат на Израел
САД, кои ја блокираа резолуцијата за Палестина во Советот за безбедност на ОН, се обидуваат да ја скршат волјата на Палестинците и да ги принудат да му се покорат на Израел, изјави постојаниот претставник на Русија во ОН, Василиј Небензја.
„Со користењето на ветото по петти пат од почетокот на ескалацијата во Газа, тие повторно го покажаа својот вистински однос кон Палестинците. Според мислењето на Вашингтон, тие не заслужуваат да имаат своја земја“, изјави Небензја.
Тој истакна дека Палестинците се само пречка на патот кон остварување на интересите на Израел.
„САД се подготвени да ги затворат очите пред злосторствата на Израел врз цивилите во Газа, да го игнорираат илегалното населување на Западен Ерусалим на Западниот Брег. Целта е да се скрши духот на Палестинците, да се натераат безусловно да се потчинат на окупаторската власт, да се претворат во слуги и луѓе од втор ред, а можеби и целосно да се искоренат и протераат од нивната родна земја“, изјави Небензја по гласањето за нацрт-резолуцијата за прием на Палестина во ОН.
Како што истакна, резултатот од гласањето во Советот за безбедност на ОН за резолуцијата за прием на Палестина во ОН како полноправна членка покажува дека САД се речиси целосно изолирани.
„Страдањата на палестинските цивили одекнуваат во срцата и душите на милиони луѓе ширум светот. Во земјите кои доставуваат оружје за Западен Ерусалим се почесто се слушаат гласовите на оние кои се за забрана на таквите испораки. Резултатите од гласањето, кога Вашингтон се најде речиси целосно изолиран, зборуваат сами за себе“, рече рускиот дипломат.
Тој оцени дека американското вето е „неплоден обид да се запре неуморниот тек на историјата“.
„Гледајќи низ прсти на најнепромислените постапки на нашиот сојузник (Израел), немањето желба за барање праведни решенија е директен пат кон натамошно лизгање во бездната на војната што може да го зафати целиот регион“, рече Небензја.
Тој рече и дека таквата политика е недостојна за една голема сила.
„Историјата нема да ви го прости тоа. Ги повикуваме САД да го слушаат гласот на разумот и да размислат за последиците од нивните одлуки“, рече Небензја.