Црна хроника
(Видео) Пронајдена дрога во правен субјект за одгледување канабис за медицински цели во Охридско
Вчера, Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи, во координација со Комисијата за одобренија за одгледување канабис за медицински цели и СВР Охрид, врз основа на претходно обезбедена судска наредба, извршиле претрес и контрола над правно лице во село Оровник, општина Дебрца.
При претресот, според полицијата, било констатирано дека видеонадзорот во целиот објект не работи, а биле пронајдени 2.388 растенија од канабис што се одгледувале во надворешни услови, спротивно на условите пропишани со законот, 1.066 растенија расад од канабис наспроти пријавената бројка од 616 засадени растенија, а во внатрешноста биле пронајдени 820 растенија од канабис, иако според претходните известувања испратени до Комисијата правниот субјект немал производство поради реновирање на просторот.
Исто така, во една од просториите биле пронајдени гранки од растенија канабис во фаза на сушење и готов сушен цвет за што не била известена Комисијата, а во сеф собата биле пронајдени 343 кг сув цвет од канабис, што според известувањата претставува вишок од 7 кг неевидентиран сув цвет од канабис, само во собата, и 269 кг шејк (листови и гранки од канабис). Воедно, при претрес на потпокривот во правниот субјект биле пронајдени садови што се користеле за производство на масло од канабис, иако наведеното правно лице немало дозвола за производство на вакво масло.
При контролата во објектот беше затекнато едно лице, кое, според евиденцијата на АВРСМ, е невработено, и 5 албански државјани, работно ангажирани во правното лице, но неевидентирани, за што е известен Секторот за странци при Одделот за гранични работи и миграции и Државниот инспекторат за труд и ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, соопшти портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ-Талевска.
Според констатираното при контролата, правното лице одгледувало канабис за медицински цели во услови спротивни на прописите во повеќе сегменти, а во однос на процесот на одгледување канабис за медицински цели во согласност со Законот за контрола на опојните дроги, од страна на Комисијата бил составен записник за констатирана состојба, известен е јавен обвинител од ОЈО Охрид по чии насоки сите предмети се одземени.
По документирање на доказниот материјал, од страна на СВР Охрид ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело по член 95-В од Законот за контрола на опојните дроги. Од страна на Комисијата при Министерството за здравство ќе бидат преземени и дополнителни мерки во врска со ова правно лице, информира полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Две лица искасани од кучиња скитници во Скопје
Вчера, во 14.15 часот, во Полициската станица Карпош, Т. А. (78) од Скопје пријавила дека на улицата Петар Чаулев во Скопје била касната од куче скитник.
Истиот ден, во 21.15 часот, во Полициската станица Аеродром, Т. Т. (18) од Скопје пријавила дека на улицата Владимир Комаров во Скопје била касната од куче скитник.
Црна хроника
Кривична пријава против директорот на ЈП „Стрежево“ од Битола: набавил стар ратрак, а го платил како да е нов
Одделот за криминалистичка полиција, по добиената наредба од ОЈО Битола, презеде предистражни дејства и по обезбедената документација и извршен увид во неа, до ОЈО Битола, во координација со СВР Битола, поднесе кривична пријава против М. Г. од Битола, директор на ЈП „Стрежево“ од Битола за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето по чл. 353 од КЗ и злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство од чл. 275-в од КЗ во врска со чл. 22 и против Љ. М. П. од Битола, управител на правно лице од Битола.
Имено, М. Г., знаејќи дека правното лице во текот на 2018 имало набавено тапкач на снег – ратрак, спровел постапка за јавна набавка на ратрак за потребите на ЈП „Стрежево“ од Битола со точно одредени технички карактеристики на потребниот ратрак како тој што го поседувало правното лице од Битола и да не е постар од 1995 година, на кој оглас како најповолен економски оператор понудувач било избрано предметното правно лице од Битола, а Љ. М. П. на конкретниот оглас доставила понуда со невистинити податоци дека ратракот што го нуди е произведен 1995 година, иако знаела и била свесна дека ратракот што го поседувала е произведен 1993 година, по што бил склучен договор со наведеното правно лице на износ од 1.875.967 денари, без ДДВ, иако ратракот бил купен од странство за 414.492 денара, односно тој бил набавен од ЈП „Стрежево“ од Битола за 4,5 пати повисока цена од набавната и за износот од 1.875.967 денари М. Г. го оштетил јавното претпријатие, а Љ. М. П. стекнала противправна имотна корист.
Црна хроника
Мопед излетал од патот, возачот тешко повреден
Вчера, во 13 часот, во Полициската станица Кочани било пријавено дека на улицата Стамен Манов во Кочани, В. Џ. (51) од Кочани, управувајќи мопед со кочански регистарски ознаки, излетал од коловозот.
Во несреќата тешки телесни повреди добил возачот, констатирани во Општата болница во Кочани.
Извршен бил увид од екипа на ОВР Кочани.