Топ
(Видео) 12-годишно девојче тепа врснички во Велес, во полиција повикан и родителот
Малолетничка од Велес нападна врсничка, а настанот беше снимен со мобилен телефон и објавен на социјалните мрежи. Видеото на кое се гледа како 12-годишното девојче тепа врсничка додека таа бара помош наиде на остри реакции во јавноста.
Настанот се случил во Велес, а очевидец ја снима сцената со мобилен телефон.
Следниот ден таа нападнала и друго девојче, а од МВР велат дека во полициската станица, во присуство на родител и социјален работник бил извршен разговор со малолетното девојче, како и со уште една малолетничка која учествувала во настаните.
„Се преземаат дополнителни мерки и по целосно документирање на случајот во координација со Центарот за социјални работи ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, како и пријава против родителот С.И. (39) од Велес, поради негрижа за своето дете“, велат од полицијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, ќе добијат можност да се вратат во фабриката, новите газди со производството почнуваат во јуни
Речиси 600 вработени во кавадаречката фабрика „Еуроникел индустри“ ќе добијат можност повторно да се вратат на работа во следните 90 дена. Откога во понеделникот Комерцијална банка извести дека склучиле договор за продажба на имотот на фабриката со друштва основани од холандската холдинг-компанија „Полиникел холдинг БВ“ (Polynickel Holding BV), која е дел од турската „Јулдирим груп“ (Yildirim Group), нивни претставници вчера имале состанок со Синдикатот и со градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев. Ги известиле дека почнуваат со подготовки за рестартирање на фабриката, кое очекуваат да биде во јуни.
„Од вчера почна да тече рокот од 90 дена во кој новите сопственици на фабриката ќе ги враќаат назад вработените. Нè известија дека ќе ги преземат 120-те вработени кои останаа на работа за да ја одржуваат печката додека сопственик беше Комерцијална банка, а за другите ќе има огласи. Ова рестартирање на фабриката се разликува од последното што го направи ‘Еуроникел’, кој зеде обврска да ги преземе и сите вработени. Новите сопственици ја купија само фабриката, без вработените, но вчера нè известија дека ќе ги задржат оние што останаа да ја одржуваат печката, а другите ќе може да се јават на огласите што ќе ги распишуваат во следните месеци. Со производство, според сегашните најави, ќе се почне во јуни, кога истекува и рокот во кој рекоа дека ќе ги враќаат назад вработените“, вели Игор Ѓерасов, претседател на Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството на Македонија (СИЕР), за „Макфакс“.
Многумина од вработените во „Еуроникел“, кои останаа без работа, стравуваат дека ќе извисат и новиот газда нема да ги врати на работа оти ќе бараат работници преку оглас. Градоначалникот Јанчев, пак, уверува дека тие ќе имаат предност за вработување.
„Добивме уверување дека ќе имаат предност вработените, но и без тоа во фабриката се бараат стручни луѓе и луѓе со искуство, а никој подобро не ја знае работата отколку досегашните вработени. Новите сопственици веќе влегоа во фабриката. Ќе ги направат неопходните ремонти, ќе направат план за работа и ќе ги враќаат постепено вработените. Тие дури рекоа дека се и загрижени дека нема да успеат да ја пополнат потребната бројка работници оти многумина заминаа во странство, некои си најдоа друга работа. Добивме цврсти уверувања дека ќе почнат со производство. Веќе имаат договори за снабдување со руда од Брегот на Слоновата Коска и од Гватемала. И, денес да тргне рудата, ќе треба еден месец за да стигне, а во тој период ќе почне и постапката за враќање на работниците. Мора да оди преку оглас оти така предвидуваат законите кај нас“, вели градоначалникот Јанчев за „Макфакс“.
Побарувањата од 2,1 милиона евра за четири неисплатени плати вработените ќе чекаат да им бидат исплатени во стечајната постапка за „Еуроникел индустри“, која беше отворена на почетокот на февруари. На стечајната постапка ќе чекаат и сите доставувачи што пријавиле долгови, но приоритет за исплата имаат платите на вработените.
Градоначалникот Јанчев вели дека веќе договорил со стечајниот управник Ацо Петров, кога ќе заврши стечајната постапка, да поднесат кривични пријави против раководството на „Еуроникел индустри“, кое минатата година ја доведе до стечај фабриката.
Македонија
Тошковски: Приведен е и трет осомничен во врска со убиството на лекарот во скопска Железара
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска изјави дека е приведено уште едно лице во врска со убиството на матичниот лекар во скопска Железара, кој беше најден со девет убодни рани.
„Во согласност со моите информации приведено е уште едно лице. Приведени се вкупно три лица. Претресот е завршен во текот на доцните часови. Се продолжува со други истражни дејства сè со цел да може да се утврди соодветната фактичка состојба. Штом имаме дополнителни нови информации, јавноста ќе биде дополнително известена“, рече Тошковски.
Тој не сакаше да ги коментира обвинувањата од СДСМ дека откога е дојден на местото министер за внатрешни работи, работите не одат на подобро.
„Вакви изјави не заслужуваат сериозен одговор затоа што се несериозни изјави. Тотално не би ги коментирал“, рече Тошковски и додаде дека македонскиот народ се смее на она што се обидуваат да го тераат како приказна и повика да завршат ваквите паушални обвинувања.
Економија
Трендафилов најави неколку протести: Во вторник ќе ги охрабриме судиите да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, денеска, на прес-конференција, за 2 април најави протест, кој ќе почне пред седиштето на ССМ и ќе заврши пред Врховниот суд.
„Работниците и граѓаните имаат избор и немаат повеќе изговор да не учествуваат на ниеден од протестите што ги организира Сојузот на синдикатите на Македонија. На 2 април се организира протест, кој ќе почне пред зградата на Работничкиот дом и ќе заврши пред Врховниот суд. Да им покажеме на судиите дека треба да се охрабрат, правото и правдата мора да победат и дека треба што е можно побргу да донесат нова пресуда, со која ќе го вратат Работничкиот дом на работниците, на оние што го граделе“, рече Трендафилов.
ССМ пред еден месец достави до Основниот граѓанскиот суд Скопје предлог за повторување на постапката врз основа на, како што кажаа, нови докази.
„Во вторник ќе ги охрабриме да ја преиначат срамната пресуда за конфискација на Работничкиот дом од работниците и за доделување на државата. На државата не ѝ треба уште една зграда, ѝ требаат работници, ѝ требаат синдикати“, рече претседателот на ССМ.
На 8 април Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита организира протест од пред зградата на ССМ и ќе заврши пред Министерството за здравство, каде што ќе кажат дека не се задоволни од претстојното усогласување на платите.
„Одредени сектори, како дејноста здравство, нема да добијат усогласување на платите со порастот на минималната плата. Нема да добијат ниту во дејноста образование ниту во полицијата и неколку други дејности. Повеќе од 20 илјади работници во здравството остануваат без никакво усогласување на платата со порастот на минималната“, рече Трендафилов.
ССМ и оваа година на 1 мај излегува на улица.
„Ќе им кажат на сите оние што претендираат да ја водат државата што бараат и што очекуваат од нив. Жалосно е да не ги слушнат работниците, а и работниците да не ја искористат можноста јасно и гласно да им кажат на претендентите што сакаат да седнат во пратеничките клупи и во владините фотелји што треба да направат за нив во наредниот период. Очекувањата се 450 евра најмалку минимална плата во првите сто дена од новата влада со политичка одлука за измена на законот, други измени, ќе се врати храната, ќе се врати превозот за работниците и ќе се извади надвор од бруто-платата неправдата што се направи во 2009 година, а работниците ќе добијат дополнителни финансиски средства“, додаде тој.