Црна хроника
Викендот во Скопје 29 сообраќајки и 28 повредени
Во текот на викендот на подрачјето на Скопје се случиле вкупно 29 сообраќајни незгоди од кои две биле со тешки телесни повреди, 15 со лесни телесни повреди и 12 со материјална штета. Во сообраќајните незгоди две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а 26 лица со лесни телесни повреди.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 147 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 90 возачи од кои: 38 возачи поради тоа што управувале моторно возило под дејство на алкохол, 38 возачи управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и 14 возачи затоа што биле возачи-почетници. Единаесет возачи се санкционирани поради поминување на крстосница на црвено светло, седум возачи поради неправилно престројување, шестмина поради неправилно престигнување, двајца затоа што не дале првенство на минување на пешаци и 19 возачи поради неносење заштитен шлем (кацига).
Исто така, исклучени од сообраќај се и 42 возила, од нив – 40 биле нерегистрирани, а две возила технички неисправни. Покрај ова, санкционирани се и девет пешаци затоа што поминале коловоз надвор од пешачки премин. Во текот на изминатиот ден издадени се 136 мандатни платни налози, додека 107 возила се подигнати со специјално возило „пајак”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Крадел во викенд куќа во Берово: уапсен 36-годишен маж
Вчера во 18.40 часот во викенд куќа на ул „Туристичка“ во Берово, полициски службеници од Полициската станица Берово го лишиле од слобода Б.Ч.(36) од Берово.
Тој бил затекнат при извршување на кривично дело „тешка кражба“ од викенд куќата, од каде одзел повеќе предмети.
Бил задржан во полициска станица и во службен разговор признал уште едно кривично дело „тешка кражба“ од друга викенд куќа.
Дел од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По комплетирање на случаите, против Б.Ч. ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Двајца уапсени, пукале пред кафеана во Охрид
Денеска, во 00.15 часот, пред угостителски објект во охридската населба Чекоштина, полициски службеници од СВР Охрид ги приведоа 67-годишниот К. Б. и 37-годишниот М. П., двајцата од Охрид, извести СВР Охрид.
„Тие претходно го нарушиле јавниот ред и мир со пукање во воздух од пиштол ‘радом’ во калибар од 9 милиметри, сопственост на М. П.“, велат од СВР Охрид.
Пиштолот е одземен и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Нападната и ограбена охриѓанка, со тешки повреди пренесена во болница
Вчера во 10.15 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на улицата „Марко Несторовски“ во Охрид, едно лице физички ја нападнало 53-годишната О.Т. од Охрид и ѝ одзел пари, извести СВР Охрид.
„Притоа, таа се здобила со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид“, велат од СВР Охрид.
За настанот, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.