Топ
Деца ги нападнале родителите, мажи сопругите – четири случаи на семејно насилство пријавени синоќа во полицијата
Четири случаи на семејно насилство синоќа биле пријавени во полицијата. Во два одделни настани деца ги нападнале мајка си и татка си, додека во останатите дечко ја нападнал својата девојка, а маж сопругата.
Како што информираат од полицијата, вчера на пладне во Велес, приведен е Н.П.(22) од градот затоа што се однесувал агресивно во семејниот дом и се обидел со остар предмет да ја нападне неговата 45-годишна мајка.
Во Кичево околу 21 часот приведен е Б.А.(34) од кичевското село Јагол кој, претходно, физички и со тврд предмет го нападнал неговиот татко.
Истовремено, во Струмица бил извршен службен разговор со В.Т.(34) затоа што претходно физички нападнал 37-годишна струмичанка со која бил во врска.
Последната пријава е по 3 часот во Скопје, пришто приведен е 69-годишник кој физички ја нападнал неговата 53-годишна сопруга.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци, велат од МВР.
Вчера полицијата информираше за пет други случаи на семејно насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силјановска убедливо пред Пендаровски во првиот круг со 40 наспроти 19,93 отсто од гласовите
Кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска со убедливо водство влегува во вториот круг од претседателските избори, каде како и во 2019 година ќе се соочи со нејзиниот опонент Стево Пендаровски.
Според пребројани 99,85 отсто од гласовите, Силјановска освои 362.682 гласа, или 40,08 отсто, додека Пендаровски првиот изборен круг го завршува со 180.306 гласа, односно 19,93 отсто.
Зад нив е Бујар Османи од Европскиот фронт со освоени 120.903 гласа (13,36 отсто), потоа Максим Димириевски од ЗНАМ со 83.787 гласа (9,26 отсто), Арвен Таравари од ВРЕДИ со 83.356 гласови (9,21 отсто). Следна е Билјана Ванковска од Левица со освоени 41.172 гласа (4,55 отсто) и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 0,90 отсто, односно 8.103 гласови.
Вториот круг од претседателските избори ќе се одржи на 8 мај, заедно со парламентарните.
Македонија
Димитриевски до Пендаровски: Разликата е огромна, откажете се од оваа битка и оставете нè да победиме во вториот круг
Денеска, ЗНАМ заедно со сите свои пддржувачи ја испишува новата политичка историја на македонската политичка сцена, рече вечерва претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Иако е јасно дека не влегува во вториот круг, Димитриевски првиот круг од изборите го смета за голем успех.
„Можам да потврдам дека се роди третата политичка сила во македонскиот политички блок во државата, која во следниот период имаме намера дополнително да ја потврдиме и надградиме, со цел еден ден граѓаните да имаат можност да изберат нешто ново“, рече Димитриевски.
На противкандидатите им честита за успехот и се заблагодари на можноста да води кампања за која рече дека не била еднаква за сите оти законот што е во сила не дава еднаква можност за медиумско претставување на сите партии.
Рече дека се гордее на секој глас што го добиле како партија регистрирана пред само три месеци.
„Факт е дека јас како кандидат и ЗНАМ освоив повеќе од 80.000 гласа. Регистриравме субјект што постои нешто повеќе од три месеци и со граѓанската поддршка се етаблира на трето место во политичкиот блок. Сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба. Јас не се сеќавам дека во историјата на плурална Македонија имало вакви примери, да имате партија со некаде три и пол илјади члена, а да освоите над 80.000 гласа. Искрено, се гордеам на секој глас што дојде како поддршка за мене и ЗНАМ. И покрај тоа што трендовите се тие, десницата добива, а левицата губи, единствено десницата доживеа пораз во бастионот на асномска Македонија, а тоа е Куманово“, рече Димитриевски.
Им порача на сите политичари дека треба да учат од овие избори оти граѓаните дале јасна насока каде сакаат да се движи државата, а посебна порака упати до Стево Пендаровски, кој има 100.000 гласа помалку од Гордана Силјановска-Давкова.
„Почитуван мој претседателе, разликата е огромна. Доколку сакате да опстанат централната и левата идеја во државата, откажете се од оваа битка и оставете нѐ да победиме во име на граѓаните во вториот круг“, порача Димитриевски.
Кога ќе завршат парламентарните избори, Димитриевски е уверен дека ЗНАМ ќе биде политички фактор за стабилност во државата, без кој нема да може да се формира идната влада. Најави дека кога ќе ги почнат преговорите за формирање парламентарно мнозинство, на сите политички партии ќе им ги испорачаат нивните предлози за црвените линии на македонскиот народ.
Македонија
Нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, порача Ковачевски
Денеска е тежок удар за европската перспектива на Македонија, но не е доцна да се смени правецот, откажувањето не е опција за нас. Нема друга опција за нас освен патот на европска интеграција, порача вечерва лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Додаде дека е задоволен што гласањето поминало во мирна и демократска атмосфера.
„Се надевавме на подобри резулатти, но време е да ги ставиме на страна сите разлики и да се обединиме зад идејата за европска Македонија. Занм дека многу наши поддржувачи се разочарани. Но сега не е време за откажување. Имаме уште две недели, јас ќе бидам на терен секој ден со вас, и ќе работиме за да ја добиеме поддршката за европска Македонија“, рече Ковачевски.
Порача дека нема откажување.
„Ние нема да се откажеме и нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме се додека не победиме“, порача лидерот на СДСМ.
Ковачевски му упати порака и на Пендаровски.
„Ова е наша заедничка борба, ќе се бориме заедно рамо до рамо, ова е најважната битка за македонската иднина. Борбата за европска Македонија продолжува и на 8 мај, во вториот круг на претседателските и парламентарните избори. Се гледаме за две недели! Да живее европска Македонија“, рече тој.