Топ
Шверцери на мигранти признаа вина, условно се казнети и ќе бидат протерани од земјава
По поднесен обвинителен акт од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за предметот во кој се обвинети две лица по потекло од Гана дека сториле кривично дело шверцување мигранти, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје беше одржано рочиште. По воведните зборови на надлежниот обвинител, обвинетите, германски државјанин и државјанка на Италија, ја признаа вината, соопшти Обвинителството.
Судот донесе пресуда со која на обвинетите им е изречена алтернативна мерка – условна осуда на казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во период од пет години не сторат друго кривично дело, воедно во текот на денешниот ден на обвинетите ќе им биде укината мерката притвор и ќе бидат протерани засекогаш од земјава. При одмерувањето на казната судот ги имаше предвид олеснителните околности дека обвинетите не се сторители на други кривични дела и против нив не се водат други постапки во други земји, дека двајцата се вработени во земјите чии државјани се, како и тоа дека првообвинетиот е татко на малолетно дете, а второобвинетата е болна. Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција се согласи со изречената пресуда.
На почетокот на јануари годинава обвинетите со намера илегално да пренесат тројца мигранти се упатиле со патничко моторно возило со германски регистарски таблички во Грција. За непречено поминување, за мигрантите обезбедиле јавни исправи – лични карти од Европската Унија и им ги дале на рака. На граничниот премин Богородица, при контрола од страна на полициски службеник, мигрантите се легитимирале со холандска, шведска и германска лична карта. Тројцата мигранти, кои исто така потекнуваат од Гана, платиле вкупно 500 евра за патни трошоци, а според договорот, остатокот од 1.000 евра од лице требало да го исплатат по пристигнување на крајната дестинација – Австрија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јакимовски за ставањето на црната листа: Ниту Американци, ниту свети Американци нема да ни кажат кој ќе ни ја води Македонија
Градоначалникот и кандидат за претседател на Македонија, Стевчо Јакимовски на вонредна прес конференција изјави дека е изненаден од одлуката на Стејд Департментот за ставањето на црната листа.
Како поинаку да го сфатиме овој акт на насилие, освен како директно мешање во изборниот процес во Македонија, рече Јакимовски.
„Ова е кукавички чин на оние што го губат тлото под нозете, па помош бараат од Американците. Ниту Американци ниту свети Американци нема да ни кажат кој ќе ни ја води Македонија. Тие ја направија оваа влада од која сме многу „среќни“ во 2016 година. Сега поврторно сакаат да ни скројат влада како тие што сакаат, и претседател каков што тие сакаат. Ги повикувам граѓаните да им покажеме дека не можат да си играат со еден вака мал народ“, кажа Јакимовски.
Најави дека ќе поднесе кривична пријава против непознато лице, за неговото додавање на црната листа. Вели дека ова е директно мешање во изборниот процес и дека тој нема да се повлече.
„Ни случајно, да знам да умрам нема да се повлечам од изборната трка“, дециден е Јакимовски.
„Ова е само потврда дека мојата политика е исправна и во одбрана на македонските национални интереси. Ме ставаат во ист кош со нивниот бисер и срам Катица Јанева која правеше истраги и ништо не најде за мене, изјави Јакимовски.
Тој рече дека оваа одлука на Стејт департментот за да го стави него и неговото потесно семејство на црната листа е резултат на анкети, кои покажувале дека тој ќе влезе во вториот круг на претседателските избори.
Потсети дека не случајно, токму денеска е објавена црната листа, кога ја поднел кандидатурата во ДИК и откако ги собрал потребните потписи.
„Донал Трамп има 113 кривични пријави, сценариото таму од длабоката држава е или да го оневозможи да учествува на изборите, да го стават во затвор или да го убијат. Истото сценарио се случува во Унгарија против Виктор Орбан, против Вучиќ. Ова е директно мешање во внатрешните односи на Македонија во избор на претседател и тврдам дека не може никој да ни каже кој ќе ни ја води Македонија“, додава Јакимовски.
Американскиот Стејт Департмент денеска објави дека на црна листа се поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Општина Карпош и претседателски кандидат на претстојните избори Стевчо Јакимовски. Од Стејт Департментот велат дека двајцата со нивните дејствија го поткопале владеењето на правото и довербата на јавноста во демократските институции.
Македонија
На црната листа на САД, Стевчо Јакимовски и Катица Јанева
Американскиот Стејт Департмент објави дека на црната листа на САД се ставени поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и актуелниот градоначалник на Карпош Стевче Јакимовски.
„Јанева беше вмешана во коруптивни дела, вклучително и користење на нејзиното политичко влијание и службена моќ за лична корист“, се истакнува во официјалната изјава на Метју Милер, портпаролот на Стејт департментот.
„Јакимовски, како градоначалник на општина беше вмешан во коруптивни дејствија, вклучително и користење на својата службена положба за мешање и попречување во урбаното планирање и развој и процесите на набавки во корист на себе и на неговите соработници“, се истакнува во напишаното.
„Овие ознаки ја потврдуваат посветеноста на САД за поддршка на владеењето на правото и зајакнување на демократските институции на целиот Балкан. Одделот ќе продолжи да ги користи сите достапни овластувања за промовирање на одговорност за корумпираните актери во регионот и на глобално ниво“, додаваат од Стејт департментот.
Освен посочените лица, на црната листа се додаваат и членовите на нивните семејства.
„Овие дејствија ги прават Јанева, Јакимовски и членовите на нивните потесни семејства генерално неподобни за влез во САД“, додаваат од Стејт департментот.
„Денешните ознаки на поранешната специјална главна обвинителка Катица Јанева и актуелниот претседателски кандидат и градоначалник Стевчо Јакимовски не треба да изненади никого“, пишува американската амбасадорка Ангела Агелер.
„САД ќе продолжат да ги именуваат функционерите на која било партија, огранок на владата или заедница вклучена во значителна корупција. Народот на Македонија заслужува правда и одговорност од своите институции да го спречат бранот на криминалното однесување и да го спречат ракот на корупцијата“, вели Агелер.
Македонија
ДУИ предупредува: Опозицијата со руско сценарио за политички немири по 8 мај
„Демократската унија за интеграција со голема загриженост ги следи обвинувањата, клеветите и навредите што опозицијата ги упатува кон кандидатот за претседател, Бујар Османи, како и кон премиерот Талат Џафери, предупредувајќи за руско сценарио кое има за цел политички немири по 8 мај“, велат од ДУИ.
„Координирана со ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски и Левица на Апасиев, како и во отсуство на изборна програма, коалицијата ВРЕДИ ги засили клеветите против Бујар Османи и Талат Џафери, а не ги штедат ниту семејствата на функционерите, нешто што ги загрижува и граѓаните, но известен е и меѓународниот фактор во земјата.
Ја покануваме опозицијата, и албанската и македонската, да води кампања во согласност со европските и демократските вредности, бидејќи се што е против тоа значи оддалечување од Европската унија и приближување до Москва и Путин.
Воедно, ја поздравуваме одлуката на ОБСЕ-ОДИХР да ги следи изборите на 24 април и 8 мај со 24 долгорочни набљудувачи и 300 краткорочни набљудувачи, бидејќи сметаме дека овие избори ќе бидат одлучувачки за иднината на земјата – да кажеме „ДА на Европа, НЕ на Русија“.
Ја уверуваме јавноста дека ДУИ, како и низ другите години, ќе организира слободни, демократски и меѓународно прифатени избори, а обидите на опозицијата да предизвика криза ќе го добијат заслужениот одговор на 8 мај – кога конечно ќе биде запечатен нивниот пораз“, соопшти ДУИ.