Црна хроника
Обвинение против претседателот на „Маркукуле“ поради нелегално профитирање
Поднесено обвинение за лице што остварило профит преку дејност од здружение.
Основното јавно обвинителство Прилеп поднесе обвинителен предлог против одговорното лице на Здружението за промовирање на културните вредности во Пелагонија „Маркукуле“ – Прилеп поради сторено кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Осомничениот од септември 2015 до декември 2017 година како одговорно лице – претседател, во вршење на своите овластувања и должности ја искористил својата службена положба и овластувањето со тоа што за себе и за други противправно прибавил поголема имотна корист. Имено, тој спротивно на член 12 и член 50, став1, 2 и 3 од Законот за здруженијата и фондациите, како и спротивно на дејноста за која се регистрирани и целите определени во член 1 од Статутот на здружението, вршел профитабилна дејност.
Осомничениот во наведениот период вршел медиумски услуги во форма на рекламирање правни лица од стопанска и нестопанска дејност на интернет-порталот www.markukule.mk, сопственост на Здружението, со што стекнувал добивка што не ја употребувал за остварување на целите на Здружението. Остварената добивка ја распределувал за себе и за други лица поврзани со него така што во вид на хонорари префрлал парични износи на својата трансакциска сметка во вкупен износ од 244.000,00 денари и на трансакциските сметки на уште осум лица во вкупна висина од 1.112.045,00 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени
Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, велат од СВР Охрид.
Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „пежо“.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.
Црна хроника
Уапсени пет лица од Гостиварско, украле добиток и го продале
Полициски службеници на СВР Тетово-Полициско одделение Галате, вчера во 16 часот и 15 минути и 19 часот и 30 минути ги лишиле од слобода: 23-годишниот Е.Ф., 18-годишниот Ј.М., 27-годишниот Е.А., 18-годишниот А.Д. и 32-годишниот И.Ф., сите од гостиварски Добридол, извести СВР Тетово.
„Тие се сомничат дека во периодот од 23.03. до 28.03.2024 од штала сопственост на 38-годишниот С.М. од истото село, противправно одзеле добиток и потоа го продале на друго лице од тетовско“, соопшти СВР Тетово.
Задржани се во Полициската станица Гостивар и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.
Црна хроника
Две лица од Тетовско измамени за 11 илјади евра: Албанец им ветил дека ќе им отвори фирма во Дубаи, ниту отворил, ниту ги вратил парите
Педесет и седумгодишен жител на тетовско село, вчера во 14 часот и 40 минути во СВР Тетово пријавил дека 58-годишниот М.М. од Република Албанија во текот на минатиот месец нему и на уште едно лице им ветил дека ќе им отвори фирма во Дубаи, а за возврат тие во три наврати му платиле вкупно 11 илјади евра, извести СВР Тетово.
„Но, ниту фирмата им била отворена, ниту парите им ги вратил, по што сфатиле дека се измамени“, соопшти СВР Тетово.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.