Топ
Полицаец и лажен адвокат измамиле пријатели дека ќе им помогнат на Суд, заработиле 7.000 евра
Вработен во МВР заедно со уште едно лице кое се претставувало дека е адвокат од четири лица зеле 425.800 денари ветувајќи им дека ќе им помогнат во решавање на имотно-правни спорови. Тројца од измамените лица биле роднини на лицето кое се претставувало како адвокат.
Полицијата поднесе кривична пријава против П.К.(33) од Скопје поради основано сомнение дека извршил четири кривични дела „измама“ и В.Б.(39) од Скопје поради основано сомнение дека извршил исто така четири кривични дела „помагање“. Со сторените кривични дела пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 425.800 денари.
Според информациите од МВР, во периодот од март минатата до јануари оваа година, првопријавениот претставувајќи се како адвокат пред четири оштетени лица, сите негови познаници, а со тројца од нив и во роднинска врска, им ветил дека ќе им помогне во разрешување на имотно-правни спорови. За услугите во повеќе наврати им барал и добивал пари кои наводно ги употребувал во постапките. Нивните комуникации траеле некое време по што П.К. престанувал да го користи телефонскиот број со кој комуницирал со оштетените.
Второпријавениот, пак, инаку вработен како полициски службеник во МВР, му помагал на П.К. во извршувањето на кривичните дела. Така, според документираните сознанија, В.Б. пред оштетените кои, исто така, му биле познаници, го претставувал првопријавениот како добар адвокат и им ветувал дека споровите кои ги имаат ќе им ги заврши во нивна корист.
И двајцата биле приведени, а од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР, против полицискиот службеник е поведена дисциплинска постапка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пендаровски: Ја вративме слободата, изградивме еднакво општество, имаме силна поддршка од најмоќните демократски држави
Кандидатот за претседател, Стево Пендаровски вчерашниот ден од изборната кампања го заокружи со граѓански митинг во Гостивар.
Пред присутните Пендаровски потсети на резултатите постигнати во изминатите пет години како враќањето на слободата и демократијата, градењето модерно општество на еднакви граѓани и напредокот во евроинтегративниот процес.
Пендаровски посочи дека по членството во НАТО, се случи напредок и во процесот на интеграција кон ЕУ, кој сега е блокиран поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот однос кон меѓународните договори што ја гарантираат евроатлантската интеграција на државата.
„Што нуди ВМРО-ДПМНЕ во однос на договорите што нѐ вратија во нормалниот цивилизиран свет? Нудат поништување. Кога ќе ги прашате што после тоа поништување, велат повторно ќе почнеме да преговараме. Имаат ли гаранции дека некој од надвор од големите сили ве поддржува за тоа повторно да го преговарате и да го доведете до исход кој е добар за народот и државата? Немаат. Немаат еден докажан пријател, партнер од големите сили, како што имавме ние. Сите овие договори што ги споменувам и со Грција и со Бугарија и со Европа се направени со огромна поддршка и помош од Америка, од Германија, Франција, од големите меѓународни сили. Тие немаат ниту еден и затоа кога доаѓаат пред вас ви кажуваат дајте ни власт па од 9 мај ќе ви кажеме кои се нашите планови. Тоа е крајно несериозно“ порача Пендаровски.
Затоа, додаде тој, уште на 24 април потребна е масовна мобилизација и заокружување на бројот еден со што напредокот на државата ќе продолжи.
Пендаровски во своето обраќање пред граѓаните порача и дека е крајно време за да се испита потеклото на имот на сите судии и обвинители, но и на политичарите, почнувајќи од него, а оние за кои ќе се утврди дека за време на нивниот мандат несразмерно го зголемиле својот имот прво да ги вратат парите а потоа и да се соочат со затворски казни.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Овие избори се последна шанса за Македонија
„СДС ја фрли Македонија во хаос. Институциите се парализирани, апатија и разочараност ги тиштат граѓаните.
Корупцијата е распространета во секоја пора на општеството. Во Македонија со СДС услугите кои треба да ги пружи државата на граѓанинот станаа мисловна именка. Лотариска среќа е ако може некој да извади пасош и лични документи, пациентите не се сигурни каква терапија добиваат, се заработува бескрупулозно на грбот на најранливите, непотизам насекаде, правда никаде, не само младите туку и сѐ повозрасни размислуваат да ја напуштат земјата не гледајќи веќе ниту систем, ниту ред, СДСМ е сведена на измеќар и соучесник во сите скандали, се срамиме од нивните недостоинствени настапи низ светот, иднината и подобриот живот се далечен.
На врвот на листите на корупција, мизерија и немаштија сме. За 7 години колку што се на власт СДС и ДУИ ја презадолжија државата, го урнисаа системот и криминалот го направија столб на своето функционирање.
Ова не е Македонија што народот ја сака и ја заслужува. Овие избори се последна шанса за спас. Шанса во која може да се верува, избор во кој мора сите граѓани да учевствуваат. Македонија е едноставно одземена. Но, промените се можни и се на дофат.
Промените се во твои раце! Македонија повторно ќе биде твоја!“.
Соопштение на ВМРО-ДПМНЕ
Македонија
СДСМ: На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината, нема откажување
На овие избори одлучуваме за европска иднина на татковината. Граѓаните сакаат европски стандарди дома, сакаат развиена држава со подобри услови за живот.
На граѓаните им е доста од делби и поделби, не сакаат враќање назад во изолација и незивесност, сакаат и заслужуваат да живеат во европска Македонија, со европски животен стандард, велат од СДСМ.
„СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат конкретен план, волја и знаење, за исполнување на стратешката цел – членство на ЕУ.
Членство во ЕУ, не заради остварување на европски сон, туку заради европски животен стандард, поголеми плати, пензии, подобро здравство, образование, правда. Само со членство во ЕУ се можно суштински и темелни промени во македонското општество“, се додава во нивното соопштение.
Затоа, како што додаваат не смееме да се откажеме. Оценуваат дека патот до ЕУ е тежок но тој е вистинскиот и дека нема откажување од иднината.