Топ
Полицискиот час не го почитувале 242 лица, приведени се 95
Според статистиките на МВР, во текот на изминатите 24 часа на ниво на целата држава 242 лица не ја почитувале забраната за движење, при што приведени се 95, опоменати се 37, а за другите изготвени се записници.
Во текот на изминатото деноноќие на територијата на државата на 109 лица им се издадени решенија за изолација, а 112 лица потпишале изјави за самоизолација.
При извршените полициски контроли над лица во изолација и самоизолација едно лице не било затекнато во својот дом.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски: Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт
Народот уште еднаш покажа дека знае и умее да ја процени важноста на овие избори, како крстопат кога се одлучува за правецот во кој треба да се развива нашата татковина, онаква каква што сакаме да ја видиме напредна земја со европски стандарди во правото, здравството, образованието, земјоделието и сите други области значајни за граѓаните, кажа Тимчо Муцунски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од аспект на изборниот процес, според него, тој поминал како што рече, генерално во фер и демократска атмосфета, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активисти.
„Имено од досегашните податоци за нерегуларности кои ги имаме добиено од набљудувачите, забележано е вршење на притисок врз гласачи во општина Сарај, но и импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето Гоце Делчев во Гостивар. Исто така забележани се случаи на семејно и колективно гласање, за кое истите лица биле предупредувани од страна на избирачките одбори и акредитираните набљудувачи.
На неколку избирачки места во втората изборна единица, поточно во Куманово, нотирани се нерегуларности од типот на нефункционалност на убиг апаратите или немање на печат. Во едно избирачко место бидејќи немале печат избирачкиот одбор добил насоки од ОИК гласањето да продолжи, па после гласањето да се стави печат. При примопредавањето на изборниот материјал не биле потпишани сите субјекти“, информира Муцунски.
За сите забелешки, како што рече како партија ќе постапат пред надлежните институции.
„Затоа што во наш, но и во интерес на Македонија е да имаме кристално чист изборен процес, процес кој според нас треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи, правда.
Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија повторно на народот, процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, истакна Муцунски.
Македонија
ОЈО: Сите сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани
Во текот на изборниот ден до затворањето на избирачките места, на електронската адреса на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, информираат од оваа институција.
„Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија помина мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето или други кривични дела кои би го загрозиле изборниот процес.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за евентуални изборни нерегуларности го следеше текот на гласањето, а во текот на денот беа организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства. Јавното обвинителство се координираше и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес“ се додава во официјалниот допис од обвинителството.
Комисијата, како што нагласуваат, ќе продолжи со својата работа до завршување на изборниот циклус.
Додаваат дека сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства.
Македонија
Левицата: Проблеми со фингерпринтот во Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром, доцнење на гласачкиот процес и нерегуларности во избирачкиот список
Од Претседателскиот изборен штаб на кандидатот за претседател Билјана Ванковска информираат дека денешниот изборен ден поминal мирно во фер и демократска атмосфера, но нагласуваат дека сепак се случиле некои помали проблеми на изборните места.
Како што информираше Моника Маневска, портпаролот на Ванковска, забележани се помали проблеми со фингерпринтот на повеќе гласачки места како Куманово, Ѓорче Петров, Аеродром и др.
Истакна дека од терен добиваат информации дека во Куманово се правеле редици заради проблемите со фингерпринт, а во некои изборни места гласањето почнало со доцнење.
Исто така беше кажано дека и на овие избори се појавуваат нерегуларности во избирачкиот список па така во некои изборни места има запишано почонати гласачи, а некои гласачи кои се со постојано место на живеење и без промена на адреса ги нема во изборниот список.