Топ
Пукање на улицата Џон Кенеди во Чаир, полицијата го истражува случајот
Истрели од огнено оружје се слушале утрово во скопски Чаир, што ги вознемирило жителите, кои подоцна настанот го пријавиле во полиција.
Службеници излегле на терен, потврдуваат од МВР, и додаваат дека на местото на настанот биле пронајдени чаури.
Засега не се знае кој и зошто пукал.
„Денес по 10 часот било пријавено дека на улицата Џон Кенеди се слушнало пукање од огнено оружје. По пријавата е излезено на местото на настанот, но не се пронајдени лица, а пронајдени се само четири чаури“, велат од МВР.
Пред две недели во Бутел од автоматска пушка беа испукани стотина куршуми кон скопјанец, а тој тоа го пријави во полиција.
Засега, овие два настани не се поврзуваат. За пукањето во Бутел се чека резултат од истрагата која треба да покаже кој пукал, како и причините за тоа.
Во полицискиот билтен пукање во Чаир беше пријавено и на втори јуни кога во раните утрински часови во близина на угостителски објект и градинка на улицата Архиепископ Доситеј едно лице пукало од огнено оружје кон 24-годишен скопјанец, кој управувал мотоцикл, при што бил повреден во пределот на ногата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Преземам иницијатива за создавање на национално единство, и запирање на сите напади кон Левица и ЗНАМ, државата е одземена од народот
„ВМРО-ДПМНЕ – ВМРО Демократска партија за македонско национално единство, тоа е многу силно име, кое не само заради историското ВМРО и континуитетот на кој се повикуваме како идеја и организација која ја славиме и која е нераскинлив дел од македонското национално движење и можеби најзначајна за македонскиот национален идентитет, туку истовремено и поради обврската и одговорноста која и вториот дел од името ја носи со себе. Долго време таа обврска и одговорност како да се одбегнуваше, некогаш занемаруваше, некогаш впрочем и попусти беа обидите да се оствари, но обиди иако неуспешни имало“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вчерашниот митинг во Охрид.
Тој нотираше дека сака да успее во тоа, да создаде македонско национално единство.
„Мојата прва иницијатива за обезбедување на македонско национално единство ќе ја започнам со тоа што сакам да обзнанам мораториум и запирање на сите напади кон партите Левица и ЗНАМ. Ова го чувствувам како потреба на македонскиот народ, но и како моја обврска да пробам да ја реализирам идејата за национално единство во моменти кога тоа и е најпотребно на државата, во моменти кога државата е одземена од народот и во рацете на неколкумина корумпирани политичари од ДУИ со неколкумина корумпирани политичари од СДСМ кои се седнати во скут кај овие од ДУИ“, рече Мицкоскит.
ПИстакна дека Македонија мора да се обединува по сите основи, за тоа да се случи мора да се почне од некаде, и нема подобар период од тоа, тој процес да започне токму сега.
„Ќе има во иднина моменти кога националното единство ќе е неопходно, исто како што ќе има моменти кога ќе се прејде на едно граѓанско единство без разлика на етничката припадност, затоа што ова, е земја на сите граѓани кои живеат во нејзе и сите ние граѓаните од различни етнички заедници сме нераскинлив дел и столб на оваа држава и на нејзината иднина“, заклучи тој.
Неговата порака е дека нема откажување од граѓаните, нема откажување од единството помеѓу сите, затоа што само така заедно сложни со силата и капацитетот на сите, сме иднината на ова земја, порача Мицкоски.
Македонија
Маричиќ: Оваа Влада ги покачи пензиите за 50 проценти и ветуваме дека во наредниот мандат просечната пензија ќе биде од 500 евра
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, оствари средба со граѓаните пензионери од Изборната единици 1, каде што тој е дел од листата на Социјалдемократскиот сојуз и Коалицијата за европска иднина.
Маричиќ јавно се обврза дека како член на наредната Влада што ќе ја предводи СДСМ ќе продолжи да работи за пензионерите да имаат убав и достоинствен живот.
„Оваа Влада ги покачи пензиите за 50% и ветуваме дека во наредниот мандат ќе биде просечна пензија од 500 евра. Исто така се обврзуваме на зимски регрес од 3000 до 6000 денари за секој пензионер, а најмногу ќе добиваат оние со најниски пензии. Исто така ветуваме енергетски пакет од 1500 денари месечно во текот на грејната сезона за оние пензионери на кои најмногу им треба“, вети Маричиќ.
Тој нагласи дека пензионерите тоа го заслужуваат.
„Без вашата генерација и без влогот кој што го дадовте немаше да имаме држава. Токму затоа сме дожни и обрзани да работиме пензионерите да имаат мирни и спокојни пензионерски денови и мирно да ги гледаат своите деца и внуци како растат. А како растат внуците така нека растат и пензиите“, нагласи Маричиќ на средбата со тетка Верица и пензионерите од Карпош.
Меѓународниот секретар на СДСМ и кандидат за пратеник, Бојан Маричиќ, порача дека тој, СДСМ и Коалицијата за европска иднина „не се откажуваат од подобриот животен стандард за спокоен живот за пензионерите“.
Свет
Си-Ен-Ен: Остин разговараше со Галант пред нападот на Иран, Вашингтон не ја поддржува оваа акција
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти Пентагон.
Повикот бил упатен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад внатре на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува никаква дискусија за плановите на Израел за овој напад, пренесува Си-Ен-Ен.
Неименуван висок американски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека Израел во четвртокот ја информирал Америка дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува оваа акција на Тел Авив.
Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран.
Новинската агенција „Фарс“ објави дека се слушнале „експлозии“ во близина на меѓународниот аеродром во Исфахан. Провинцијата Исфахан е дом на голема воздухопловна база, голем комплекс за производство на ракети и неколку нуклеарни локации, наведува Би-Би-Си.
Израелската војска соопшти дека „засега нема коментар“ за извештаите за експлозии во Иран. Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан изјави неколку часа пред да се слушнат експлозиите дека доколку Израел преземе каква било воена акција, одговорот на Техеран ќе биде „веднаш и на максимално ниво“, пренесува Танјуг.