Црна хроника
Вчера во Скопје тринаесет сообраќајни незгоди
Во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје се случиле 13 сообраќајни незгоди, од кои шест со лесни телесни повреди и седум со материјална штета.
Од преземените мерки и активности констатирано е дека 32 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Од сообраќај се исклучени 12 возачи, од кои: еден возач поради тоа што управувал моторно возило под дејство на алкохол, 10 возачи управувале возила без да стекнат право за управување моторно возило и еден бил возач почетник. Поради техничка неисправност, едно возило е исклучено од сообраќајот, а санкционирани се шест возачи бидејќи управувале нерегистрирани возила. Исто така, еден пешак е санкциониран бидејќи поминал на коловоз на црвено светло, како и осум возачи поради поминување крстосница на црвено светло, а пет возачи се санкционирани поради неправилно престигнување.
Во текот на изминатиот ден издадени се 111 мандатни платни налози, а 68 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кучиња скитници искасаа три лица во Скопје
Синоќа, во 20.45 часот, во Полициската станица Аеродром, К. И. (48) од Скопје пријавила дека на улицата Владимир Комаров во Скопје била касната од куче скитник.
Истиот ден околу 14.20 часот во Полициската станица Карпош, Б. Р. (54) од Скопје пријавил дека во Градскиот парк во Скопје бил каснат од куче скитник.
Вчер,а во 15.45 часот, во Полициската станица Драчево, А. Н. (52) од Скопје пријавил дека на улицата Јустинијан Први во Скопје бил каснат од куче скитник.
Црна хроника
Возило излетало од патот Куманово – Скопје, возачот тешко повреден
Синоќа, во 19.20 часот, во СВР Куманово било пријавено дека на регионалниот пат Куманово – Скопје, кај с. Ново Село, Кумановско, патничко возило „сеат“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од А. З. (20) од Куманово, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата тешки телесни повреди добил возачот, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Извршен бил увид од екипа на СВР Куманово.
Црна хроника
Приведени крадци во Битола
Вчера, во Битола, полициски службеници од СВР Битола ги лишиле од слобода К. Б. (30) и Н. Б. (41), двајцата од Битола.
При претрес во домот на К. Б., извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени пари во разни апоени и повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело тешка кражба по член 236 од Кривичниот законик.
А при претрес во домот на Н. Б., извршен исто така со судска наредба, биле пронајдени повеќе предмети за кои постои сомнение дека потекнуваат од кривично дело тешка кражба по член 236 од Кривичниот законик.