Топ
Уапсена наставничка од основното училиште „Александар Македонски“ поради продажба на дрога
Наставничка од основното училиште „Александар Македонски“ во населбата Ново Лисиче во скопската општина Аеродром е уапсена за дилање дрога.
Во текот на вчерашниот ден МВР спроведе голема акција во Скопје, во која падна голема група улични дилери на дрога, а меѓу нив и наставничка од основно училиште од Скопје.
Од МВР информираа дека е запленета дрога вредна половина милион евра и е откриена лабораторија за производство на амфетамин во Скопје.
„Вчера (16.3.2023), во Скопје, од страна на Единицата за недозволена трговија со дрога, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и со поддршка од Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, лишени од слобода се пет лица, и тоа Д. Т. (25), Е. М. (35), Ж. П. (46), С. Ч. З. (38), Б. Ф. (44), сите од Скопје. Извршени се претреси на седум локации во Скопје и притоа била откриена лабораторија за производство на амфетамин, како и дрога со вредност од речиси половина милион евра доколку била продадена преку уличните дилери. Имено, пронајдени се синтетичка дрога амфетамин во количина од речиси седум килограми, еден килограм кокаин, околу 22 килограма марихуана, речиси 3.000 таблети ‘екстази’, автоматска пушка ‘калашников’, 667 куршуми во различен калибар, рамка за автоматска пушка, две рамки за пиштол, повеќе дигитални ваги со остатоци од амфетамин, опрема за производство на синтетичка дрога амфетамин, калапи за амфетамин, поголема количина течност за производство на синтетичка амфетамин, евиденции, тетратки и листови со прибелешки за должници, односно лица што купувале дрога, пари за кои постојат основи на сомнение дека потекнуваат од продажба на дрога и четири патнички возила“, информираа од МВР.
Градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски, на својот фејсбук-профил напиша дека случајот ќе биде расчистен во целост и секое прекршување на законот соодветно ќе биде санкционирано.
„Утрово, примив информација дека поради постоење основани сомневања за сторено кривично дело, припадниците на Министерството за внатрешни работи привеле наставник, кој подолг временски период работи во основното училиште „Александар Македонски“.
Како градоначалник, родител и универзитетски работник, но и како човек кој преку активностите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје директно е поврзан со правото и е дел од образовниот процес, цврсто стојам на ставот дека наша обврска е да дадеме сè од себе за да им овозможиме на децата училишните денови да ги поминуваат во здрава средина.
Процесот на социјализација и едукација на дечињата не смее да се поврзува или да биде обременет со каква било нелегална активност, која е во спротивност со законот.
Наша обврска е како институции да овозможиме квалитетен образовен процес во кој ќе ги надминеме сите пречки и недостатоци. Инсистирам случајот да биде расчистен во целост и во таа насока потенцирам дека основното училиште и Општина Аеродром веќе соработуваат со надлежните институции за спроведување на законот.
Аеродром е општина што инвестира во образовниот процес, а децата, нивниот развој и нивното образование се во фокусот на нашата работа. Токму поради ова, неопходно е секое прекршување на законот соодветно да биде санкционирано“, напиша Муцунски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ќе го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија, рече Мицкоски и најави позитивна кампања
Ние водиме позитивна кампања, кампања на проекти, кампања на надеж, кампања која ќе ја врати довербата во институциите по шест и половина години многу криминал грабеж на институциите на Македонија, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска е во Охрид, а коментирајќи каква кампања ќе води партијата и каква кампања очекува воопшто.
Мицкоски рече дека идејата е да се води кампања со која ќе им се врати надежта на граѓаните.
„Малкумина се граѓани од прв ред, тука пред се мислам на неколкумина од ДУИ и малкумина измеќари од раководството СДСМ, сите други имаат чувство дека се граѓани од втор ред“, вели Мицкоски.
Според Мицкоски тоа е работа која мора да се смени во наредниот период.
„Тоа мора да се смени и по 8 мај да има и одговорност. Желни сме да го оставиме срцето на терен за интересот на Македонија“, кажа Мицкоски.
Македонија
(Видео) „Нема откажување од иднината“ – СДСМ и коалицијата „За европска иднина“ го означија почетокот на кампањата за парламентарните избори
Со настан во Музејот на современа уметност, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Kоалицијата за европска иднина, го означија почетокот на кампањата „Нема откажување од иднината“, за претстојните парламентарни избори.
Со видео обраќање, членот на германската сестринска партија ПЕС, Олаф Шолц, упати јасна порака дека за силна ЕУ е потребен процесот на проширување со Северна Македонија и државите од Западен Балкан.
На настанот, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски се осврна на сработеното во изминатиот мандат на Владата предводена од СДСМ и коалицијата за европска иднина, но и ги потенцира мерките предвидени во програмата на Kоалицијата за европска иднина, опишувајќи ја програмата како реална, остварлива и заклучувајќи дека нема откажување додека секој ред од неа не стане реалност за, како што вели, нашата европска Македонија.
„Во оваа кампања ќе зборуваме повеќе за иднината. Ветуваме просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра. Со влезот во ЕУ проектираме дека ќе достигант до 1.300 евра просечно, односно по 800 евра минимална плата. Обезбедивме по 200 евра прво вработување за млади до 26 години. Првпат во историјата ќе има едноцифрена бројка на невработеност од 7 проценти до крајот на мандатот. За пензионерите ќе обезбедиме просечна пензија од 30.000 денари, минимална од 20.000 денари, зголемени со влезот во ЕУ“, рече Ковачевски.
Toj најави и решителна и поефикасна борба против криминалот и корупцијата.
„Нема да има веќе предмети по фиоки, ќе го спроведеме ветингот на судиите и јавните обвинители, кому му се допаѓало или не. Ќе започне прво од кандидатите на листата на изборната единица 1, ќе продолжи со политичарите, а ќе се зпресели и кај судиите и обвинителите, и сите оние кои изминатите 32 години собраа богатство кое го употребуваат и злоупотребуваат за влијание во системот“, рече Ковачевски.
Најави целосна реформа на судскиот совет и советот на јавни обвинители, драстично зголемување на платите на медицинскиот персонал. Специјалистите, како што ветува СДСМ, ќе добиваат плати до 80.000 денари, општите доктори 120.000 денари, а медицински сестри до 90.000 денари, како и укинување на партиципацијата од 20 отсто за сите граѓани.
Целата програмата на СДСМ за парламентарните избори е на линкот.
Македонија
Наместо покачена 12 отсто, вработените во културата не добија никаква плата, од утре излегуваат на протести
Доколку до крајот на денот не им биде исплатена платата за март на 3.000 вработени во културата, од утре тие излегуваат на протести пред Министерството за култура, со можност да се протестира и пред Министерството за финансии. Ќе протестираат сè додека не им биде исплатена платата на сите работници. Вработените во културата алармираат дека за некој ден, освен без плата, ќе останат и без здравствено осигурување.
„Пред точно 18 дена на ова исто место бевме убедувани дека шириме паника и дезинформации меѓу вработените во културата и дека има само една вистина, а тоа е дека платата за март ќе биде исплатена со досега највисоко усогласување од 12 отсто за денес сите да сме согласни дека синдикатите беа во право и пред 18 дена и пред 6 месеци. И, денес, на 18 април, плата за март сè уште нема. Да биде целата ситуација уште потрагична, за неколку дена 3.000 вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување“, рече претседателката на Синдикатот за култура, Вера Атанасовска.
Покрај протестите Атанасовска извести дека повеле постапка за тужба за доцнењето на платата. Овој пат ќе настојуваат и да се лоцира одговорноста за ненавремено исплаќање на веќе одработеното.
Претседателката рече дека утрово ја побарале од кабинетот на министерката за култура за да ѝ јават дека попладнево треба да оди на состанок во Министерството за финансии, а вработени во Министерството за култура истовремено се јавувале во културните институции и им кажувале да прифатат да се исплати платата без усогласувањето. Атанасовска денес пред Министерството за култура постави низа прашања за неисплатената плата и најава за состанок во Министерството за култура.
„Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии? Сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата? Што се случува и кој е одговорен за колапсот што го создадоа во културата? За неуспехот на Владата, особено на Министерството за култура, да ги исполни своите обврски со тоа што не ги исплати ветените плати на сите вработени во културата во согласност со законите и договорите? Ова тотално исмевање на довербата на сите вработени во културата не само што ја загрозува егзистенцијата на оние што се посветени на уметноста и на културата туку го поткопува и интегритетот на нашите културни институции. Зошто Министерството за култура не ја исполнува својата обврска? Дали е тоа поради предизборна војна на партиите или работата е уште подлабока – тотално потценување на уметноста и културата во рамките на владините приоритети? Без разлика на причината, ефектот останува ист – деморализирана култура работна сила и намалена национална култура во колапс и пред протест и штрајк“, рече Атанасовска.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, им даде безрезерва поддршка на културните работници и ја повика министерката уште денес да ја исплати неисплатената плата за март.
„Ја повикуваме министерката за култура, денеска, место да ги повикува во Министерството за финансии да се објаснуваат, да направи максимални напори платите до крајот на работното време да легнат на сметките на овие луѓе. Доколку не, се гледаме утре на протест, се гледаме и другиот ден и така сè до исполнување на нашите барања. Не бараме преку леб погача, бараме плата. Платата веќе сме си ја изработиме, а работиме и за нова плата, која треба да биде исплатена во мај. Недозволиво е ова да ни се случува, особено не 15 дена пред избори. Сите да го имаат ова на ум“, рече Трендафилов.
Пред две недели министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на посебна прес-конференција уверуваше дека вработените во културата за март ќе добијат покачена плата.