Топ
18-годишникот кој со автомобил усмрти жена во Капиштец немал возачка, од Македонија избегал преку Табановце
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 и Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од член 301 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, додека уште две лица се осомничени дека му помогнале по извршувањето на кривичното дело, информираат од Обвинителството.
„Осомничениот 18-годишник на 9 јануари, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, не се придржувал кон прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што го довел во опасност животот на луѓето.
По улицата “Народен Фронт” управувал автомобил “Фолскваген пасат’’ и со возилото извршил дејствие на непрописно поместување во лево, на коловозната лента наменета за сообраќај од спротивната лента, без притоа да се увери дека тоа може да го стори без опасност по другите учесници во сообраќајот, со брзина на движење на возилото неприспособена спрема својства, состојбата на патот, видливоста, густината на сообраќајот и другите сообраќајни услови.
Освен тоа, автомобилот го управувал без да поседува важечка возачка дозвола.
При такви услови со возилото удрил во телото на оштетената Љуба Јаковлеска, која како пешак попречно го поминувала коловозот. Од ударот и падот на коловозот жената се здобила со тешки телесни повреди, а осомничениот без да и укаже помош веднаш го напуштил местото на настанот. Жртвата била префрлена во Ургентниот центар каде и покрај укажаната медицинска помош починала.
Другите двајца осомничени, маж и жена, му помогнале на осомничениот за предизвикување на сообраќајната несреќа да ја напушти државата, пренесувајќи го со својот автомобил преку граничниот премин Табановце.
Тие се лишени од слобода по враќањето во земјава и за нив јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.
Притворска мерка е побарана и за осомничениот возач кој е во бегство и за него притворот ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода. Во меѓувреме, врз основа на прибраните докази и определениот притвор, по него ќе биде распишана и меѓународна потерница со цел негово обезбедување“, стои во соопштението на Основното јавно обвинителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Mицкоски очекува добри вести во наредните денови од САД
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува наскоро добри вести за македонските граѓани од САД.
Тој појасни дека суспендирањето на визите за 75 земји, меѓу кои и Македонија, не ги опфаќа визите за потребите на студирањето и туристичките посети, туку само оние кои се однесуваат на имиграција.
„Мислам дека во деновите кои следат ќе има добри вести за македонските граѓани кога станува збор за ваквов тип на односи помеѓу нашиот стратешки партнер“, рече Мицкоски.
Во таа насока изрази и разочараност од однесувањето на опозицијата.
„Жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон Обединетото Кралство, тоа го прави сега и со САД. Неодамна кога беа наметнати оние трговски тарифи од 30 до 35 отсто, истите тие кои јас ги нареков талог на општеството во политиката поитаа да го навредуваат САД, а ги немаше да се извинуваат кога стапката се намали на 15 проценти“, рече премиерот.
Мицкоски очекува позитивен исход.
„Јас би бил внимателен и трпелив и очекувам добри вести“, додаде.
Македонија
Запленети пиштоли, едно лице е во притвор, спречен обид за сериозен меѓународен криминал, соопшти Царинската управа
Царинската управа соопшти дека е спречен обид за сериозен меѓународен криминал, при што биле запленети девет пиштоли од кои пет со голема пробивна моќ, а едно лице, македонски државјанин, е лишено од слобода и се наоѓа во притвор.
„Делото е откриено во вторникот вечерта од страна на царински службеници на граничниот премин Богородица, на излез од државата, при детален претрес на возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин при што во кровот, помеѓу лимот и тапацирот, се пронајдени пиштоли од марката „Црвена Застава“.
Случајот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги, кое го лиши од слобода лицето, и по преземање предистражни дејствија против него е поднесена кривична пријава до ОЈО Гевгелија за сторено кривично дело „неовластено држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“, казниво согласно Кривичниот законик. По наредба на јавен обвинител, лицето се наоѓа во притвор, а истрагата е во тек“.
Македонија
Земјотрес од Албанија почувствуван во Охрид и Струга
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија денеска во 11 часот и 28 минути регистрира земјотрес со епицентар во соседна Република Албанија, на околу 155 километри југозападно од Скопје.
Како што информира Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математички факултет, земјотресот имал локална Рихтерова магнитуда од ML 3,8.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, потресот бил почувствуван во Охрид, Струга и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Од Сеизмолошката опсерваторија апелираат граѓаните кои го почувствувале земјотресот, за потребите на сеизмолошките истражувања, да го пополнат прашалникот за почувствуваност на официјалната интернет-страница на опсерваторијата или да се јават на бројот 112.

