Црна хроника
22 казни за неисправни сопирачки на автобуси и комбиња што вршат јавен превоз

Припадници на полицијата во текот на вчерашниот ден (27 јануари) спровеле акциска контрола на возила кои вршат јавен превоз на патници, пред сè автобуси и комбиња.
Како што информираат од МВР, при контролата откриени и санкционирани биле 42 технички неисправни возила, од кои 22 имале неисправни сопоирачки, 6 неисправен уред за управување итн…
Од овие 42 прекршоци, најмногу биле констатирани на територијата на СВР Тетово, вкупно 11. Од нив, шест возила имале неисправни сопирачки, 3 биле со неизвршен технички преглед, едно со неисправен уред и едно возило не поседувало потребна опрема.
По СВР Тетово, највеќе прекршоци биле откриени на територијата на СВР Скопје – 10.
Возилата се исклучени од сообраќај и ќе следуваат соодветни поднесоци.
Од ресорното министерство нагласуваат дека засилените акциски контроли ќе продолжат и во текот на викендот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Пронајдени оружје и дрога при претрес во Скопје

Денеска, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи и СВР Скопје – Единица за недозволена трговија, по претходно добиена судска наредба за претрес на дом и други простории, извршија претрес кај Т. Ч. (38) од Скопје.
При претресот, според полицијата, биле пронајдени пиштол „берета“, пиштол „гризли“, 20 куршуми во калибар 6,35, сигнален пиштол со муниција за него и воздушна пушка, кои лицето ги поседувало без дозволи.
Исто така, за време на претресот биле пронајдени и една грутка и едно пакување со бела прашеста материја и вага со остатоци од бела прашеста материја.
Т. Ч. е лишен од слобода и против него ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното ОЈО, соопшти полицијата.
Црна хроника
Увид на местото каде што беше пронајден мртов Авганистанец, според сознанијата тој бил организатор на нелегален транзит

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија изврши увид на местото во близина на македонско-грчката граница, каде што беше пронајдено безживотно тело на мигрант.
Како што информираат од Обвинителството, смртта на мигрантот ја пријавиле група други мигранти, според чии тврдења сега покојниот заедно со уште две лица им наплаќале по 800 евра за да ги пренесат од Грција во земјава, а потоа со товарен воз кон границата со Србија.
„Кога ја поминале македонско-грчката граница, кај граничниот камен 53, тројцата организатори се скарале меѓу себе при што едниот извадил остар предмет и му задал убод на оштетениот. По ова, дел од мигрантите и напаѓачот избегале од местото, додека неколкумина останале и се обиделе да му помогнат на оштетениот кој набрзо починал“, се наведува во соопштението.
Со цел да се утврди фактичката состојба и идентитетот на починатото лице, јавниот обвинител издал наредба за обдукција, ДНК анализа и споредба на папиларни линии.
Кај починатиот бил пронајден и документ за престој во Грција чија веродостојност се утврдува, како и мобилен телефон кој е даден на вештачење.
Топ
Родители ја продале малолетната ќерка на Белгиец за да може сексуално да ја искористува

Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал при Секторот за криминалистички истраги разреши случај за сторено кривично дело трговија со дете, извршено од страна на три лица, од кои еден државјанин на Белгија.
Како што информираат од МВР, белгискиот државјанин Л.Д.С. во период од февруари до мај 2022 година, со намера да овозможи вршење полови дејствија со дете или други форми на сексуална експлоатација во Белгија, планирал и со лицата Е.А. и Ф.Б, родители на детето, договорил склучување на присилен брак помеѓу него и нивната малолетна ќерка, односно дете со неполни 14 години.
Заради остварување на својата намера да го однесе детето во Белгија, Л.Д.С. во повеќе наврати престојувал на територија на нашата држава. Со цел да се обезбедат лични документи за патување за детето , Л.Д.С. на родителите на детето им дал околу 2.500 евра и во неколку наврати преку брз трансфер на пари од Белгија на Е.А. му испраќал парични средства во различен износ.
Oд Јавното обвинителство обелоденија и други детали во врска со овој случај:
„Во текот на втората половина во 2021 година осомничениот белгиски државјанин, со намера да користи сексуални услуги од дете, од Белгија истражувал преку интернет и се информирал за деца до кои лесно може да пристапи.
За да го оствари својот план ја избрал РС Македонија и стапил во контакт со македонски државјанин кој го поврзал со останатите двајца осомничени, родители на шест малолетни деца.
Првоосомничениот во повеќе наврати доаѓал преку Меѓународен аеродром ‘Скопје’ каде го пречекувале двајцата осомничени и нивните малолетни деца. Со цел да се стекнат со материјална корист и да заминат за Белгија, тие се согласиле за паричен надомест, на првоосомничениот да му овозможат да користи сексуални услуги врз тринаесетгодишната ќерка, а потоа и да склучи брак со неа.
За таа цел, злоупотребувајќи ја својата положба како родители на малолетната жртва, му дозволиле на првоосомничениот да престојува заедно со нив во куќата во која живеело семејството. Тој манипулирал со девојчето дека го сака и ѝ подарил златен накит, а на родителите им давал пари за потребите на семејството.
Родителите на детето секојдневно му помагале на првоосомничениот со крајна цел под изговор за присилен брак да го однесе малолетното дете во Кралството Белгија каде што наводно ќе стапел во брак со неа и му овозможиле да создаде врска на доверба и емоционална близина со девојчето.
Злоупотребувајќи ја нејзината доверба, првоосомничениот остварувал полови дејствија со девојчето до 16 мај кога полициските службеници го откриле настанот“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Врз основа на издадени судски наредби од Основен кривичен суд Скопје, вчера бил извршен претрес на дом и други простории каде времено престојувале родителите Е.А. и Ф.Б. во Струга, од каде бил обезбеден доказен материјал за стореното кривично дело, додека на скопскиот аеродром бил извршен претрес над лицето Л.Д.С., по што трите лица се лишени од слобода.
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе до ОЈО за ГОКК поднесе кривична пријава против Л.Д.С. (38) од Белгија и Е.А. (33) и Ф.Б. (34) од Скопје, а со привремен престој во Струга, за сторено кривично дело трговија со дете. Денеска лицата ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка.