Топ
25-годишна девојка починала, а уште едно малолетно лице е потешко повредено кога „мерцедес“ излетал од патот

На регионалниот пат Битола – Кичево, кај местото наречено Белимост, во текот на вчерашниот ден патничко моторно возило „мерцедес“, со демирхисарски регистарски ознаки, управувано од Б. Г. (33) од с. Белче, Демирхисарско, излетало од патот.
Во несреќата од добиените повреди на местото починала сопатничката Ј. Г. (25) од с. Белче, Демирхисарско, додека малолетен сопатник добил тешки телесни повреди констатирани во Клиничката болница Битола.
Увид извршила екипа на СВР Битола, а по наредба на јавен обвинител, телото на починатата било дадено на обдукција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Обилни врнежи во Прилеп, патот Охрид-Свети Наум во целосен прекин поради одрон

Обилни врнежи од дожд попладнево го зафатија Прилеп, Охрид и југозападниот регион.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека водостојот на реките е зголемен и засега на некои места има излевање на реката од речното корито во Прилеп.
Од страна на раководителот на РЦУК- Прилеп побарано е од ТППЕ Прилеп и ЈП Водовод да има дополнителна дежурна екипа доколку има потреба од дополнителни сили.
Во охридско пак, поради одрон на коловозот по невремето во целосен прекин е патниот правец Охрид-Свети Наум кај селото Љубаништа. Силното невреме во Охрид и охридскиот регион проследено со град предизвика и прекин на струјата во Љубаништа.
Регион
ЕУ им се заканува на Србија и Косово: Ќе ве казниме ако се повтори насилството

Европската унија денеска се закани дека ќе воведе казнени мерки за Србија и Косово доколку не спречат повторување на насилството што беше насочено против меѓународните мировници по спорните локални избори за градоначалник. „Неуспехот да се деескалираат тензиите ќе доведе до негативни последици“, се вели во соопштението на ЕУ објавено во саботата.
Во соопштението за медиумите се повикува на итно воспоставување мир на северот на Косово, каде што на крајот на мај српските милитанти ги нападнаа мировниците на НАТО со запаливи средства и камења за време на протестот во селото Звечан. Ранети се 30 италијански и унгарски војници и повеќе од 50 Срби.
Како точно би можеле да изгледаат „одлучните мерки“ на кои се заканува ЕУ не беше објаснето. Можно е да се намали финансиската поддршка што ја добиваат двете земји како кандидати за влез во ЕУ. Соработката исто така може да биде ограничена. „Насилството можеше да се избегне и мора да се избегне во иднина“, се вели во изјавата што во име на ЕУ ја објави комесарот за надворешни работи Жозеп Борел.
ЕУ ги повика Косово и Србија да преземат итна и безусловна акција за деескалација на ситуацијата и „да престанат да користат реторика за поделби и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани акции“.
Неодамнешните протести се разгореа по изборот на нови градоначалници во северно Косово, политичари од албанско потекло кои победија на дополнителните избори, кои беа бојкотирани од Србите по налог на властите во Белград.
Свет
Лукашенко: Направивме само една грешка со Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко рече дека „единствената грешка“ што ја направија Русија и Белорусија е „што не го решија прашањето (со Украина) во 2014 или 2015 година, кога Украина немаше војска и беше неподготвена. Да потсетиме, Русија во 2014 година изврши инвазија и анексија на Крим, додека борците поддржани од Кремљ окупираа дел од територијата во источна Украина.
Коментарите на Лукашенко беа дадени за време на состанокот со шефовите на безбедносните агенции на Заедницата на независни држави, кој го сочинуваат поранешните советски земји. Политико пишува дека овие коментари сугерираат дека Лукашенко целосно ја прифатил неговата трансформација во марионета на рускиот претседател Владимир Путин.
Односот на Лукашенко со Путин помина низ различни фази. Меѓутоа, откако Кремљ му помогна на Лукашенко да го реши проблемот со масовните улични протести по претседателските избори во 2020 година, белорускиот претседател вети апсолутна лојалност кон Путин.
Белорусија ѝ помогна на Москва да ја започне својата целосна инвазија на Украина во февруари минатата година, а подоцна се согласи да добие руско нуклеарно оружје на нејзина територија. Лукашенко тврди дека знаел дека Русите ќе извршат инвазија. „Ако војната не почнеше минатата година, ќе почнеше утре, но со полоши услови за Русија и Белорусија“, додаде тој.
„Единствената грешка што веројатно ја направивме беше тоа што не го решивме ова прашање во 2014-2015 година, кога Украина немаше војска. Сакавме да го решиме по мирен пат. Сепак, тие го искористија овој пат за да развијат вооружени сили подготвени за борба“, заклучи тој.