Црна хроника
Фокус: Заштитениот сведок признал дека ги возел убијците
Хаки Хазири, шестоосомничениот за тероризам кој сам побарал да биде обвинет, а не заштитен сведок, потврдил дека ги возел убијците, пишува в дневниот весник „Фокус“, повикувајќи се на извори од истрагата.
Според пишувањата на „Фокус“, Хазири тврдел дека не знаел дека се подготвува убиство сé додека осомничените не ставиле „фантомки“ на главите и не извадиле оружје.По убиството го оставиле возилото кое подоцна го пронајде полицијата, а со друго се упатиле кон кумановските села каде негов чичко им помогнал на осомничените илегално да избегаат во Косово, пишува во четвртокот Фокус.
Дваесет иосум-годишниот Хазири пред судот појаснил дека двајца од осомничените му биле роднини. Чичко му е лицето што им помогнало да избегаат на двајцата осомничени во Косово, додека еден од непосредните убијци му е братучед.
Откако по апсењето Хазири во полициската станица почнал да раскажува што се случило и да го опишува патот по кој оделе, полицијата му предложила да биде заштитен сведок.
Како што пишува Фокус, Хазири пред судот рекол дека ослабел 20 килограми поради грижа на совеста дека е учесник во грозоморно убиство за кое ни самиот не знаел. Токму затоа одлучил сé да каже.
Хазири го изгуби статусот на заштитен сведок, откако самиот побарал да биде обвинет за убиството кај Смилковското езеро. Против него е поднесена кривична пријава за „тероризам“ и одредена му е мерка 30 дневен притвор.
Според извори на Фокус, тој бил притиснат од семејството со кое имал контакт во текот на седумте дена по апсењето, додека бил под полициска заштита. Се плашеле од одмазда што ги предал роднините.
Освен Хазири, уште пет лица се осомничени за петкратното убиство што се случи кај Смилковско езеро кои исто така се товарат за „тероризам“. Двајца од нив се сé уште во бегство, како што се претпоставува најверојатно на Косово./крај/фокус/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Тројца скопјани искасани од кучиња скитници
МВР извести дека изминатиот ден тројца скопјани пријавиле каснување од куче скитник, во полициските станици.
На 23.04.2024 во 17.30 часот во Полициската станица Центар, 34-годишната Д.С. од Скопје пријавила дека во населбата Маџир Маало во Скопје, нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник.
На 23.04.2024 во 14.45 часот во Полициската станица Карпош, 44-годишната И.Ф. од Скопје пријавила дека на улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје била касната од куче скитник.
На 23.04.2024 во 11.55 часот во Полициското одделение Сарај, 70-годишниот А.П. од Скопје пријавил дека кај Спортско рекреативен центар „Сарај“ бил каснат од куче скитник.
Црна хроника
Уапсен прилепчанец, побегнал од затворот во Куманово
Вчера во 20.30 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода 29-годишниот Е.М. од Прилеп, извести МВР.
„Тој бил баран со централна потерница врз основа на наредба од Казнено – поправната установа Затвор – Куманово, поради бегство од затворот“, соопшти МВР.
Лицето било спроведено во установата за доиздржување на затворска казна од една година, три месеци и седум дена.
Црна хроника
Уапсен Турчин на Деве Баир, на увид дал фалсификувани документи
Вчера во 20.25 часот на Граничниот премин Деве Баир, полициски службеници го лишиле од слобода 44-годишниот М.Д. од Република Турција, кој управувал товарно возило „мерцедес“ и полуприколка со турски национални ознаки, поради тоа што при извршена пасошка контрола и проверки било констатирано дека двете меѓународни зелени карти за осигурување биле фалсификувани, извести МВР.
Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Крива Паланка за понатамошна постапка.