Црна хроника
Пет активни пожари во сабота
Според информациите добиени од Регионалните центри за управување со кризи, како и информациите од други субјекти кои учествуваат во системот за управување со кризи, на територијата на Македонија се активни пет пожара.
Активен е пожар во селото Градманци, кај Перова населба, со кој е зафатена ниска шума и грмушки на површина од околу три илјади квадратни метри. Во текот на петокот беше интервенирано од страна на противпожарна екипа, но околу 20 часот пожарот повторно е активиран и зафати висока шума во должина од околу еден километар. Во текот на ноќта, екипи на противпожарната единица на Град Скопје се обидоа да интервенираат, но поради непристапноста на теренот и темнината работеа на негово локализирање, а во текот на саботата интервенираат за негово гаснење.
Активен е и пожарот во реонот на Матка Преслап, во Националниот парк Јасен“, кој опфати мешана шума. Од утрото во сабота на гаснење на пожарот интервенираат противпожарни екипи заедно со вработени од Националниот парк Јасен.
Пожарот кај местото Ново Конско во општина Гевгелија, исто така, сé уште е активен. Со него се зафатени околу 150 хектари нискостеблеста шума, а во гаснењето на овој пожар, од утринските часови учествуваат 30 лица од локалното шумско стопанство „Кожув“.
Активен е и пожарот кај месноста Омец, во близина на селото Богомила. Зафатена е нискостеблеста деградирана дабова шума на површина од над 25 хектари. Во текот на саботата 16 вработени од шумското стопанство „Бабуна“ интервенираат на гаснење на овој пожар кој се шири во правец на селото Капиново.
Во Демирхисарско, кај селото Слоештица уште гори нискостеблеста шума. Со стихујата тука се справуваат 20 вработени на шумското стопанство од Демир Хисар и тројца припадници на Шумската полиција.
Пожарот кај мариовското село Витолиште, на локалитетот Орлова Вода, во текот на петокот беше ставен под контрола. На моменти, поради ветерот, на одредени делови пожарот повторно се обновуваше, но со брзи интервенции беше гаснет. Од сабота наутро на овој терен дежураат 25 вработени од шумското стопанство „Црн Бор“од Прилеп, а се очекува доколку има потреба да пристигнат уште осум вработени и шумското стопанство „Бор“ од Кавадарци, како и четири пожарникари од единицата во Прилеп.
Во петокот пожарот над селото Разловци кај месноста Средна – Бејаз тепе, повторно се активирал на две места. Досега пожарот изгорел дополнителни два хектара борова шума. Според информациите добиени од надлежните служби кои се на терен, пожарот е ставен под контрола, односно има само внатрешно догорување и не се шири, а поради контрола на поширокиот терен ангажирани се пет пожарникари и едно противпожарно возило и 12 вработени од шумското стопанство. Под контрола е ставен и пожарот на територијата на општина Пехчево./крај/со/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Крадел во викенд-куќа во Берово: уапсен 36-годишен маж
Вчера, во 18.40 часот, во викенд-куќа на улицата Туристичка во Берово, полициски службеници од Полициската станица Берово го лишиле од слобода Б. Ч. (36) од Берово.
Тој бил затекнат при извршување кривично дело тешка кражба од викенд-куќата, од каде што одзел повеќе предмети.
Бил задржан во полициска станица и во службен разговор признал уште едно кривично дело тешка кражба од друга викенд-куќа.
Некои од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По комплетирање на случаите, против Б. Ч. ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Двајца уапсени, пукале пред кафеана во Охрид
Денеска, во 00.15 часот, пред угостителски објект во охридската населба Чекоштина, полициски службеници од СВР Охрид ги приведоа 67-годишниот К. Б. и 37-годишниот М. П., двајцата од Охрид, извести СВР Охрид.
„Тие претходно го нарушиле јавниот ред и мир со пукање во воздух од пиштол ‘радом’ во калибар од 9 милиметри, сопственост на М. П.“, велат од СВР Охрид.
Пиштолот е одземен и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Нападната и ограбена охриѓанка, со тешки повреди пренесена во болница
Вчера во 10.15 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на улицата „Марко Несторовски“ во Охрид, едно лице физички ја нападнало 53-годишната О.Т. од Охрид и ѝ одзел пари, извести СВР Охрид.
„Притоа, таа се здобила со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид“, велат од СВР Охрид.
За настанот, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.