Црна хроника
Нинџа: Бошкоски и Тушевски се скараа за парите од Азманов
Поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски и убиениот во 2001 година Марјан Тушевски имале недоразбирања за пари што како отштета за палење на магацините на скопскиот бизнисмен Зоран Азманов требало да ги добие Тушевски, сведочеше во средата Александар Василевски познат како Нинџа.
Со ова сведочење всушност продолжи распитот на сведоците пред скопскиот суд во случајот „Ровер“, во кој му се суди на поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски за помагање во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев извршено на 11-ти јули 2001 година кај скопското кафуле „Зу“.
Александар Василевски – Нинџа кој пред извесно време беше уапсен поради напад врз клучниот сведок од судскиот случај „Детонатор“, Драган Стоименов – Дацо, на денот на убиството бил заедно со Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година кај Млечниот ресторан во Скопје, иако пред 12 години во полициската станица Карпош изјавил по убиството дека ништо не видел, во средата пред судот детално раскажа што се случило тој ден пред кафулето „Зу“ и дека на местото на убиството ги видел обвинетите Зоран Трајковски и Сашо Јовановски-Тупан.
Тој ден, како што рече Василевски, Маријан Тушевски во скопското кафуле „Витраж“ седел со некој инспектор, а тој и Јанев седеле на соседната маса. Според Василевски, Тушевски бил во добри односи со Зоран Трајковски и поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, кој издржува затворска казна за нелегално финансирање на партиската кампања од предвремените парламентарни избори во 2011 година, и извршувал „работни задачи“ коишто му ги давал Трајковски.
Кавгата меѓу Тушевски и Трајковски и Бошковски, настанала, како што сведочеше Василевски, кога Тушевски требало да ги запали магацините на бизнисменот Зоран Азманов. Според сведочењето на Василевски, Азманов им бил „спонзор“ на Трајковски и Бошкоски и било договорено Тушевски заедно со кумановецот Горан Георгиевски – Мујо, поранешен припадник на специјалната полициска единица „Лавови“ кој беше убиен пред десетина години во Куманово, да ги запалат магацините на бизнисменот коишто се наоѓале на патот кон Куманово за да земат пари од осигурувањето. На Тушевски му ветиле дека ќе му дадат 200 илјади тогашни германски марки, коишто никогаш не му биле дадени. Наводно, како што рече Василевски, му рекле „да се прости од тие пари“.
По ова Тушевски го нападнал шурата на Љубе Бошкоски, Костадиновски познат како Сокол, бидејќи влегол во бизнис со сега починатиот Орце Коруновски кој беше ликвидиран во Бугарија. Василевски тврдеше дека Зоран Трајковски, освен што бил шеф на обезбедувањето на Љубе Бошкоски, бил и началник на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) и имал своја група којашто работела за него.
Василевски, дури тврди, дека во 2001 година Трајковски му наредил на Тушевски да формира група којашто ќе биде одговор на „албанските терористи“.
„Во 2001 година Трајковски му даваше задачи на Тушевски да собира пари од бизнисмени за формирање на организација Македонски национален фронт. Парите лично им ги даваше на Трајковски и на Бошкоски“, рече Василевски во средата пред судот.
Тој и Тушевски се познавале од 1999 година кога биле ангажирани како обезбедување на претседателските избори на изборната кампања за тогашниот претседател Борис Трајковски, во периодот кога министер за внатрешни работи беше сега починатата Доста Димовска, а Бошкоски беше челник на ДБК.
На денот на убиството вечерта на 10- јули 2001 година, Василевски заедно со Марјан Тушевски викан Боксер и Киро Јанев-Бамбус и инспектор од полициската станица Карпош седеле во кафулето „Витраж“ а потоа заминале во кафулето „Зу“ („Панта реи“). Таму на Тушевски му се јавила неговата вонбрачна сопруга Зекра Јеж за да ја земе со неговиот автомобил. Тушевски и Јанев заминале од кафулето. Василевски останал, а по кусо време се слушнале истрели. Излегол пред кафулето и видел две лица како трчаат од правец кон населбата Тафталиџе, а на местото ги видел и Сашко Јовановски-Тупан и Зоран Трајковски, кому му рекол „на нас ли удривте“. Трајковски му објаснил дека Тушевски бил следен и дека откако добил известување дека објектот е ликвидиран, веднаш истрчал на местото на убиството.
Василевски веднаш бил приведен во полициска станица каде што потпишал изјава дека ништо не видел.
Пред судот сведочеше и таткото на убиениот Марјан Тушевски, Димитар Тушевски, кој рече дека убиството на неговиот син го нарачал Љубе Бошкоски, а била вмешана и вонбрачната сопруга на Тушевски.
Исказите на сведоците продолжуваат./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Претрес во Свети Николе, пронајдена дрога
На 19.04.2024 во 12.00 часот во Свети Николе, полициски службеници од Полициската станица Свети Николе ги лишиле од слобода Д.С.(34) и Д.С.(34), двајцата од Свети Николе. При претрес во нивниот дом, извршен со судска наредба, била пронајдена и одземена марихуана.
Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Приведен дилер во Охрид, пронајдена дрога
Денеска (20.04.2024) во 00.55 часот во Охрид, полициски службеници од Одделението за недозволена трговија со дрога и оружје при СВР Охрид го лишиле од слобода Б.Н.(33) од Охрид. Откако бил забележан од полициските службеници во неговото возило, тој фрлил кесичка со бела прашкаста материја која била пронајдена и одземена.
Подоцна, со судска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом, при што биле пронајдени и одземени бела прашкаста материја, дигитална вага со остатоци од бела прашкаста материја и други предмети со остатоци од бела прашкаста материја.
Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Се трага по 86-годишно лице од Скопје
Вчера во 13.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, С.Д.(60) од Скопје пријавил дека од домот се оддалечил неговиот татко Б.Д.(86) од Скопје.
Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.