Црна хроника
Нинџа претпоставува дека Бошкоски е нарачател на убиството на Тушевски, но нема докази
Александар Василевски Нинџа кој во среда сведочеше во случајот „Ровер“ во кој поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски се товари за помагање во убиството на Марјан Тушевски и Киро Јанев во 2001 година, претпоставува дека Бошкоски е нарачател на убиството.
„Мислам дека нарачател на убиството е Љубе Бошкоски, а организатор на убиството тогашниот шеф на обезбедувањето на Бошкоски, Зоран Трајковски, тоа се мои претпоставки. Директни сознанија немам“ рече Нинџа.
Не знае кој пукал во Тушевски, но по одредено време на местото на убиството ги видел обвинетите Зоран Трајковски, Сашо Јовановски Тупан и Бранислава Стојчевски.
За Бранислава рече дека знаел дека „има чудно име, згодна е и е често во друштво на Трајковски“. Адвокатот на Стојчевски побара соочување на Нинџа со обвинетата Бранислава, бидејќи не се совпаѓаат исказите на обвинетата со исказот на сведокот.
Нинџа одговараше на прашања на обвинетите, а првото прашање на Бошкоски до Нинџа беше: „Дали Александар Василевски познат како Нинџа се смета себеси за мафијаш, тогаш и сега“.
Нинџа рече дека не се смета за мафијаш и додаде дека сите информации што ги добивал за тоа кој бил вработен во полициските органи ги дознавал од Тушевски кој бил близок со Бошкоски.
Тушевски и Нинџа тогаш биле партиски војници, кои ги ангажирала поранешната министерка за внатрешни работи, а во тоа време потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, покојната Доста Димовска.Давале информации на полицијата од патриотски причини.
За првообвинетиот Предраг Чубрило кој се товари дека е директен извршител на убиството тврди дека го гледал како обезбедување на сега покојниот Орце Коруновски и слушнал дека бил инструктор на полициската единица лавови. Другите странски државјани кои се товарат за убиството на Тушевски тврдеше дека не ги знаел.
Нинџа негираше дека некогаш му рекол на Трајковски дека невенчаната сопруга на Тушевски, Зека Јеж е вмешана во убиството. Трајковски во својот исказ во декември минатата година наведе дека оваа жена пред заедничкиот живот со Тушевски, била во врска со босански криминалец кој бил убиен, а потоа и со српски криминалец кој, исто така, бил ликвидиран.
Трајковски во декември го нарече Нинџа нерелвантен и девалвирачки сведок, добро познат на полицијата и судот.
Василевски сево ова го раскажа 12 години по убиството, бидејќи, како што рече, никој досега не го прашувал за настанот, иако на почетокот на сведочењето кажа дека бил приведен во полициска станица каде потпишал изјава дека ништо не видел.
Нинџа пред извесно време беше уапсен поради напад врз клучниот сведок од судскиот случај „Детонатор“, Драган Стоименов – Дацо. На 14-ти февруари треба да започне судскиот процес против него./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Мотоциклист удри во пешак на „Партизанска“, двајцата повредени
Синоќа, на булеварот Партизански одреди во Скопје, мотоцикл „дукати“, со скопски регистарски ознаки, управуван од Е. П. (27) од Скопје, удрил во пешакот Н. Ѓ. (30) од с. Рашче, Скопско.
Во несреќата тешки телесни повреди добил пешакот, а мотоциклистот добил телесни повреди, констатирани во комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, објави МВР.
Извршен бил увид од екипа на СВР Скопје.
Црна хроника
Почина затвореник во Идризово
Вчера во 19:15 часот во СВР Скопје, од Казнено поправна установа Идризово Скопје било пријавено дека Р.Ф.(52) од с.Речане-гостиварско (осудено лице) починал, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи знаци на насилство.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
Црна хроника
Украден сеф со пари од продажен објект во Карпош
Во 03.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажен објект на подрачјето на Карпош, од страна на непознати сторители, со употреба на физичка сила било влезено и одземен бил сеф со пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.