Црна хроника
303 санкции за брзо возење на територијата на Македонија
Во текот на вчерашниот ден (4.7.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање возила што се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 303 возачи. Од нив, 15 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а три се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина.
Притоа 170 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 133 надвор од населено место.
„Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, велат од Министерство за внатрешни работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
26-годишен државјанин на Косово осомничен за спречување на полициска акција
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 26-годишен државјанин на Косово за кого постои сомнение дека сторил кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 1 од Кривичниот законик.
На 3 октомври, на регионалниот пат од Скопје-ГП Блаце полициски службеници со службено возило се обидувале да запрат товарно возило „мерцедес спринтер“.
Косовскиот државјанин, со автомобил „волво“ со косовски таблици со голема брзина им го пресекол патот. Движејќи се меѓу полицискиот автомобил и товарното возило правел движења и маневри со кои ги спречувал полицајците во вршење на службеното дејствие и така му овозможил на товарното возило да побегне.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот косовски државјанин.
Црна хроника
Муниција и експлозив пронајдени во дом на пензионер во Козле, определен притвор
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот 66-годишен пензионер, во својот дом во Козле, неовластено држел муниција и експлозивна материја кои на граѓаните им се забранети – една рачна бомба полнета со 100 гр. ТНТ експлозив и запалка, 181 куршуми боева муниција со различен калибар наменети за автоматски пушки и тешки митралези, шест тегли со сачми со различна големина на оловни проектили со вкупна маса од околу 2.800 грама, четири најлонски ќеси со барут и два алати за изработка на ловна муниција.
Поради опасност од бегство и можност да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка куќен притвор за осомничениот.
Црна хроника
Кривична пријава против шест затворски полицајци за овозможување бегство на лице лишено од слобода
Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО за ГОКК против шест лица, сите припадници на затворската полиција, вработени во КПУ-КПД Идризово и тоа: И.И. (37), Ј.А. (36), И.Ј. (50), Д.П. (34), Ф.Б. (31) и В.Т. (36), за сторено кривично дело „Овозможување бегство на лице лишено од слобода“ предвидено и казниво по член 372 став 2 од КЗ.
Пријавените И.И. и Ј.А. во својство на службени лица-затворски полицајци вработени во КПУ-КПД Идризово на 01.02.2023, додека ги извршувале работните задачи во Отворено одделение, со давање лажни податоци/изјава спрема раководните затворски полицајци, им овозможиле на група осудени лица да бидат надвор од рамките на затворот, спротивно на судски пресуди според кои требало да издржуваат казна затвор во КПУ-КПД Идризово, на начин што при утврдување на бројната состојба на осудени лица во отворено одделение во КПУ-КПД Идризово имало седум отсутни лица од установата, додека И.И. и Ј.А. констатирале дека сите осудени лица биле присутни, за што усно ги известиле командирите , овозможувајќи им бегство на осудените лица: Ј.Р., И.Ј., Н.Б., С.С., Р.К., И.Р. и Е.С..
Пријавените И.Ј., Д.П., Ф.Б. и В.Т. на истиот ден работно ангажирани на работни позиции во установата, не преземале дејствија за да го задржат осуденото лице Р.К. да го напушти затворот, кој пред нив се упатил кон вратата од пријавницата и избегал.
Пријавените затворски полицајци постапиле спротивно на процедурите, надлежностите и работните задачи и обврски за обезбедување, со што сториле кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“ по член 372 став 2 од КЗ.