Црна хроника
Надзорник оставил затвореник без бубрег и слезина во „Идризово"
Кривична пријава заработи С.П. (33) од Скопје, вработен како виш надзорник во КПУ „Идризово” Скопје затоа што претепал затвореник, кој подоцна го изгубил бубрегот и слезината, јави МВР.
Имено, на 12 март околу 14.30 часот во КПУ “Идризово” поточно на бензинската пумпа, по вербална расправија меѓу него и осуденото лице З.И. (37) од Скопје, С.П. физички го нападнал осуденикот удирајќи го со тупаници во пределот на телото со што му нанел тешка телесна повреда.
Истражен судија на пријавениот му одреди мерка домашен притвор во траење од 30 дена.
Имено, според изјавите на осудените лица З.И. и И.У. (26) тие заедно се упатиле кон местото викано Свињарник во КПУ „Идризово” со цел З.И. да му поправи телевизор на друго осудено лице и откако завршиле со работата двајцата осуденици заедно се упатиле во правец на бензинската пумпа со намера да се вратат во своите простории.
Притоа биле затекнати од страна на С.П. кој им кажал дека немаат право тука да се движат.
Тој почнал да ги навредува со погрдни зборови и во еден момент физички го нападнал З.И. удирајќи го со тупаници во пределот на телото при што му ставил лисици за врзување.
За кусо време пристигнал и друг надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и биле упатени во своите простории.
Околу 16.30 часот З.И. побарал да му се укаже лекарска помош бидејќи почуствувал голема болка во пределот на абдоменот, поради што истиот е пренесен во затворската амбуланта, а потоа и во Комплекс клиники „Мајка Тереза” – Универзитетска клиника за урологија.
По направените контролни испитувања на 13 март З.И. е опериран, при што е констатирана руптура на лев бубрег со крварење на бубрегот, поради што истиот му е отстранет заедно со слезината, кај која исто така било констатирано крварење.
Од извршениот преглед на бубрегот, увидено е дека истиот бил раскинат, што според медицинските наоди можело да настане со дејствување на сила, односно како последица на удар или паѓање, иако по телото на З.И. не биле констатирани видливи модринки, крвни подливи и друг вид на повреди.
Повредениот е задржан за понатамошно лекување во Клиниката за урологија.
Од извршениот разговор со С.П. истиот се изјасни дека за време на извршување на своите службени задачи во кругот на КПУ „Идризово” во близина на бензинската пумпа ги забележал осудените лица и на истите им укажал дека не смеат да се движат во тој реон при што од истите побарал да им изврши личен претрес на што осудените лица не се согласиле.
По ова З.И. започнал вербална расправија навредувајќи го со погрдни зборови пријавениот и во еден момент се обидел физички да го нападне фаќајќи го и влечејќи го за службената униформа при што С.П. во обидот да се одбрани употребил физичка сила-зафат и откако осуденото лице З.И. бил соборен на земја, истиот продолжил да дава активен отпор по што С.П. употребил гумена палка со намера да го доведе во послушност удирајќи го два-три пати во пределот на телото и му биле ставени лисици за врзување.
По кратко време пристигнал и другиот надзорник И.П. кој помогнал во спроведувањето на З.И. до дежурната просторија каде биле изготвени изјави од двете осудени лица и после тоа биле упатени во своите простории.
Инаку од извршената проверка во крим-евиденциите на СВР-Скопје лицето С.П. минува за сторено едно кривично дело – “кражба”./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Тешка сообраќајна несреќа во Кичево – три млади лица го загубија животот, има и тешко повредени
Утрово во 4.50 часот на улицата Магистрален пат во Кичево се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „пежо“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од Кичево и патничко возило „фолксваген голф“ со кичевски регистарски ознаки, управувано од К.Е.(32) од кичевското село Трапчин Дол.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале возачот К.Е. и неговиот сопатник А.С.(20) од село Трапчин Дол, додека возачот С.И. им подлегнал на повредите на пат кон Комплекот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, велат од СВР Охрид.
Со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид и во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, се здобиле 19-годишната Т.С. од Кичево, В.П.(21) од селото Подвис, кичевско, П.К.(21) од Кичево и еден малолетник од Кичево, сите сопатници во возилото „пежо“.
На местото на несреќата увид извршиле јавен обвинител и полициски екипи. По наредба на јавен обвинител, телата на починатите се дадени на обдукција.
Црна хроника
Уапсени пет лица од Гостиварско, украле добиток и го продале
Полициски службеници на СВР Тетово-Полициско одделение Галате, вчера во 16 часот и 15 минути и 19 часот и 30 минути ги лишиле од слобода: 23-годишниот Е.Ф., 18-годишниот Ј.М., 27-годишниот Е.А., 18-годишниот А.Д. и 32-годишниот И.Ф., сите од гостиварски Добридол, извести СВР Тетово.
„Тие се сомничат дека во периодот од 23.03. до 28.03.2024 од штала сопственост на 38-годишниот С.М. од истото село, противправно одзеле добиток и потоа го продале на друго лице од тетовско“, соопшти СВР Тетово.
Задржани се во Полициската станица Гостивар и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци.
Црна хроника
Две лица од Тетовско измамени за 11 илјади евра: Албанец им ветил дека ќе им отвори фирма во Дубаи, ниту отворил ниту му ги вратил парите
Педесет и седумгодишен жител на тетовско село, вчера, во 14.40 часот, во СВР Тетово пријавил дека 58-годишниот М. М. од Република Албанија во текот на минатиот месец нему и на уште едно лице им ветил дека ќе им отвори фирма во Дубаи, а за возврат тие во три наврата му платиле вкупно 11 илјади евра, извести СВР Тетово.
„Но, ниту фирмата им била отворена ниту парите им ги вратил по што сфатиле дека се измамени“, соопшти СВР Тетово.
Се преземаат мерки за расчистување и документирање на случајот.