Црна хроника
Во петок по третпат пресуда за случајот Тајвански кредити
Судот во петок по третпат ќе ја соопшти пресудата за случајот ’Тајвански кредити’, во којшто му се суди на поранешниот лидер на партијата Демократска алтернатива и поранешен директор на Агенцијата за обнова и развој, Васил Тупурковски и тогашниот заменик на Агенцијата Јован Андонов-Реган.
Во среда стартуваше повторениот судски процес, но обвинетите останаа на дадените искази, нема да предлагаат нови докази и остануваат на завршните зборови, па судијката за во петок го закажа соопштувањето на пресудата.
Тупурковски вели дека никогаш не се докажала неговата вина, иако процесот трае долго.
„Денеска завршивме и со третото судење, седум години трае овој процес, но во ниеден ден од тие седум години не се докажа дека сум прекршил закон, право, дека сум злоупотребил. Сметам дека тоа е еден природен пат на зреење на нашиот правен систем, некој мора да ја плати таа цена. Јас го прифаќам тоа и го разбирам филозофски“, изјави Тупурковски.
Двајцата обвинети се товарат за злоупотреба на службената положба и дека со одобрување на средства од тајвански кредити ја оштетиле државата за 172. 304.092 денари.
Апелациониот суд најпрвин ја укина пресудата на Основниот суд Скопје 1 со која Тупурковски беше осуден на три години затвор и надомест на штета, а неговиот заменик на две години затвор.
Откако предметот беше вратен на повторно судење, обвинетите добија ослободителна пресуда, па Обвинителството поднесе жалба на оваа пресуда.
Апелациониот суд на второто одлучување, повторно го врати случајот во Основниот суд Скопје 1, со образложение дека пресудата била нејасна и неразбирлива. /крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Кривична против битолчанец, ставил под хипотека туѓ недвижен имот во Охрид и стекнал корист од 352 илјади денари
СВР Охрид поднесе кривична пријава против 61-годишниот К. Р. од Битола поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела неизвршување судска одлука и самовластие.
„Тој, свесно и спротивно на судска пресуда, става под хипотека недвижен имот во Охрид сопственост на друго лице и на тој начин стекнал противправна имотна корист од 352.000 денари“, велат од СВР Охрид.
Црна хроника
Го оградил државното земјиште зад Поликлиниката „Бит-пазар“ и наплаќал за приватен паркинг: кривична за скопјанец
Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против А. Р. (62) од Скопје и против правно лице од Скопје за сторено кривично дело узурпација на недвижности од чл. 225 од КЗ на РСМ.
А. Р. како сопственик и управител на второпријавеното правно лице подолг временски период противправно завладеал имот, сопственост на државата, и го ставил во владение на своето правно лице.
Имотот што се наоѓа веднаш до цветниот пазар зад Поликлиниката ‘Бит-пазар’ во Скопје, кој претставува градежно неизградено земјиште во општа употреба во сопственост на државата, А. Р. противзаконски го оградил со наплатна рампа и куќарка за наплата на влез-излез на предметното земјиште, каде што за секој влез-излез наплаќал соодветен паричен надомест и на тој начин го оневозможил слободното движење и користење на предметниот простор од страна на граѓаните и институциите на РСМ.
Црна хроника
Уапсен 39-годишник од Студеничани, возел „џип компас“ евидентиран во базата на Интерпол како украден
Вчера попладне, во 15.40 часот, на граничниот премин Долно Блаце, полициски службеници го лишиле од слобода 39-годишниот Џ. Р. од село Црн Врв, општина Студеничани, извести МВР.
„При извршена гранична контрола било констатирано дека патничкото возилото ‘џип компас’, со италијански национални ознаки, кое го управувал, сопственост на правно лице од Италија, е евидентирано во базата на Интерпол како украдено“, соопшти МВР.
Тој бил задржан во Полициското одделение Мирковци, а возилото било одземено за понатамошна постапка. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.