Црна хроника
Фаланга 2 „разби“ криминална група која продавала вредни артефакти
Во полициската акција „Фаланга 2“ разбиена е криминална група која ископувала предмети со културна и археолошка вредност и ги продавала во Македонија и во странство.
Во групата учествувале и четири службени лица вработени во Управата за заштита на културното наследство, Музејот на Македонија и Музејот во Демир Капија како и полициски службеник од Велес.
Криминалната група ископувала предмети од археолошки локалитети на територијата на Демир Капија, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. Во групата има и двајца Срби кои ги купувале вредните археолошки предмети и истите ги препродавале во западноевропските земји.
Во текот на акцијата приведени се 14 од пријавените лица, двајцата Срби не се достапни, а три лица претходно се пријавувани во врска со истата истрага. Кривична пријава ќе биде поднесена против 19 членови на организираната криминална група.
Во вторникот во Скопје при контрола на патничко моторно возило марка „Ауди“ во кое биле четворица членови на криминалната група, пронајдени и одземени се археолошки предмети, монети, бронзени предмети, керамички предмети во вредност од неколку десетици илјади евра според цените на илегалната берза кои биле наменети за продажба.
Исто така, на подрачјето на Росоман, при купопродажба на седум вредни стари икони лишени од слобода се двајца членови на криминалната група.
Извршени се претреси во 23 објекти во Скопје, Велес, Куманово, Демир Капија и Кавадарци и пронајдени и одземени се археолошки предмети изработени од керамика светилка, женска фигура, чаша, вазна, бронза и метал, два керамички детаљи од теракота, пет слики од икони на хартија, 14 икони на дрво со различни димензии, две стари црковни книги, метален крст со Исус Христос со ѕвездесто постоље, литература за археолошки предмети, четири метал-детектори и сонди за пронаоѓање на предмети под земја, двоглед и лупи..
Против осомничените поднесена е пријава за „Злосторничко здружување“, „Оштетување или уништување културно наследство“, „Присвојување на културно наследство“, „Изнесување во странство на културно наследство“ и „Злоупотреба на службена положба и овластување“.
„Сите пронајдени и одземени предмети со археолошка, етнолошка и историска вредност ќе бидат предадени на вештачење и стручна проценка на овластена институција заради утврдување на нивната вистинска вредност, период од кој потекнуваат, подрачје од кое потекнуваат и слично“ велат од МВР.
Ова е втора полициска акција во која се апсат лица, трговци со артефакти. Во претходната акција Фаланга беа обвинети 23 лица за оштетување, присвојување и за уништување на материјални добра. Седум години затвор беше највисоката казна што беше изречена за овој случај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Детали за кражбата на сефот во скопско Црниче: 23-годишник е еден од осомничените
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник осомничен за кривично дело тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот, заедно со уште три лица, провалил во затворен маркет на улицата Востаничка во Скопје, одзеле метален сеф во вредност од 12.000 денари, дневен промет во износ од 228.000 денари и цигари вредни 45.000 денари, или сѐ во вкупна вредност од 285.000 денари.
Со возило пристигнале пред маркетот, со употреба на погоден алат – хебла, клешти и друго дејствувале врз влезната врата од маркетот, но не успеале да ја отворат. Еден од сторителите го стартувал возилото и удрил со задниот дел кршејќи ги двете лизгачки врати. Потоа тој и другите осомничени ги демонтирале и ги поставиле покрај влезот од маркетот. Преку така направениот отвор, сега осомничениот, заедно со другите лица, влегол во просторијата наменета за вработените, од каде што ги одзеле металниот сеф со дневен промет и цигарите, па заминале во непознат правец.
Бидејќи постојат околности што очигледно укажуваат на опасност од бегство, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор на осомничениот. Полицијата соопшти дека работи на откривање на неговите соучесници.
Црна хроника
Казни за 153 возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (18.04.2024) продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
На територија на град Скопје изречени се вкупно 153 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 28 санкции, 13 мерки за возење без возачка дозвола, 13 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, девет мерки за користење мобилен телефон при возење.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, најави МВР и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за посигурни патишта.
Црна хроника
Ја нападнал на работно место во Карпош, па и се заканувал со нож на поранешната сопруга
Вчера било пријавено дека 33-годишна жена на подрачјето на Карпош била нападната од својот поранешен сопруг кој притоа и се заканил со нож.
„На 17.04.2024 во 19.00 часот во СВР Скопје, 33-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот на работното место во фирма на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот поранешен сопруг З.Б.(37) од Скопје, кој ѝ се заканил и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.