Црна хроника
Косово ќе ги екстрадира Демири и Исмаиловиќ по завршувањето на судскиот процес
Двајцата обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се наоѓаат во Косово, ќе бидат екстрадирани во Македонија откако ќе заврши судскиот процес што се води против нив во Косово за нелегално поседување на оружје.
Ова го изјавил косовскиот заменик министер за надворешни работи, Петрит Селими на конференција во Вашингтон, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.
„Нема никаква сомнеж дека убијци, луѓе обвинети за ѕверски убиства, ќе бидат предадени и ќе платат за нивните злосторства. Се работи за техничко прашање, кое не би сакале да се политизира или да се каже дека Косово не сака да ги предаде овие луѓе. Косово само сака да го заврши започнатиот процес, за поседување оружје, а потоа веднаш ќе ги испорача таму каде што треба да одговараат за други злосторства кои ги извршиле. Не се работи за политичко, за етничко прашање или за одбивање да се соработува, туку е техничко прашање на веќе почнат процес во Косово, иако ова второто злосторство е далеку посериозно од илегално поседување оружје“, изјави Селими.
Демири и Исмаиловиќ беа уапсени во март на Косово, но се уште не се екстрадирани во Македонија, бидејќи се шпекулираше дека поседуваат и косовско државјанство, а во меѓувреме против нив започна судски процес за нелегално поседување на оружје и за ова дело беа осудени на две години и на две и пол години затвор.
Претходно доаѓаа контрадикторни изјави од косовските власти, најпрвин дека имаат косовско државјанство и дека не можат да бидат екстрадирани во Македонија, а потоа се испостави дека двајцата обвинети немаат косовско државјанство.
„Во Македонија петмина недолжни рибари беа убиени, по што беа обвинети пет Албанци од Македонија со исламска афилијација. Двајца од нив беа уапсени на Косово, но бидејќи беа уапсени со илегално оружје, пред барањето од Македонија се покрена процес пред судот во Косово. Не можеме да го откажеме овој судски процес затоа што тоа ќе значи мешање во судскиот систем“, рече Селими.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се обвинети дека се извршители на петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април минатата година.
За овој случај моментално им се суди на четворица, а пред извесно време беше проширена истрагата и беше уапсено уште едно лице под сомнение дека чувал стража за време на масакрот.
Косовскиот министер на конференцијата во Вашингтон изјави дека Косово ја поддржува американската политика кон Сирија, но не го поддржува заминувањето на Косовци да се борат таму од верски причини. /крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Крадел во викенд-куќа во Берово: уапсен 36-годишен маж
Вчера, во 18.40 часот, во викенд-куќа на улицата Туристичка во Берово, полициски службеници од Полициската станица Берово го лишиле од слобода Б. Ч. (36) од Берово.
Тој бил затекнат при извршување кривично дело тешка кражба од викенд-куќата, од каде што одзел повеќе предмети.
Бил задржан во полициска станица и во службен разговор признал уште едно кривично дело тешка кражба од друга викенд-куќа.
Некои од одземените предмети биле пронајдени и вратени на оштетените граѓани. По комплетирање на случаите, против Б. Ч. ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Црна хроника
Двајца уапсени, пукале пред кафеана во Охрид
Денеска, во 00.15 часот, пред угостителски објект во охридската населба Чекоштина, полициски службеници од СВР Охрид ги приведоа 67-годишниот К. Б. и 37-годишниот М. П., двајцата од Охрид, извести СВР Охрид.
„Тие претходно го нарушиле јавниот ред и мир со пукање во воздух од пиштол ‘радом’ во калибар од 9 милиметри, сопственост на М. П.“, велат од СВР Охрид.
Пиштолот е одземен и по целосно документирање на настанот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Топ
Нападната и ограбена охриѓанка, со тешки повреди пренесена во болница
Вчера во 10.15 часот во СВР Охрид е пријавено дека, на улицата „Марко Несторовски“ во Охрид, едно лице физички ја нападнало 53-годишната О.Т. од Охрид и ѝ одзел пари, извести СВР Охрид.
„Притоа, таа се здобила со тешки телесни повреди констатирани во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид“, велат од СВР Охрид.
За настанот, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.