Црна хроника
Уапсените во „Шпион“ оддавале информации и на екс политичари за безбедносната и политичката состојба
Дел од лицата кои беа уапсени синоќа и утрово во големата полициска акција „Шпион“, освен што оддавале класифицирани информации и државни тајни на странски разузнавачки служби, се осомничени дека им давале информации за политичката и безбедносната состојба во Македонија и на поранешни политичари.
„Освен на странските служби, лицата имале контакт и со поранешни високи функционери, политичари од врвот, така што им давале информации за општата безбедност но и политичка состојба во Македонија“ изјави помошникот министер во МВР, Иво Котевски.
Уапсените биле предмет на обработка изминативе две години, а МВР ги сомничи дека оддавале класифицирани документи, државни тајни и други информации кои лицата ниту смееле да ги имаат, ниту смееле да ги споделуваат со странските безбедносни служби.
Освен за шпионажа дел од лицата се товарат и за уцена и измама и се сомничат дека изминатите неколку години обезбедувале информации за лица од јавниот живот или пак бизнис заедницата со кои би можеле да нанесат штета на нивниот углед.
Ги уценувале дека ако не им дадат пари, податоците кои ги имале за нив ќе ги објават на интернет сајтови или пак во медиумите кои ги контролирале дел од членовите на злостроничкото здружение.
Уапсени се вкупно 17 лица, по три лица сé уште се трага, а две лица кои се осомничени за овие дела, веќе издржуваат казна затвор за други кривични дела.
Меѓу осомничените по кои се трага е и новинарот Зоран Божиновски, кој е сопственик на интернет весникот „Буревесник“, додека веќе во затвор е Марјан Ефремов, братот на обвинителот Ивица Ефремов којшто беше уапсен во полициската акција „Ликвидација“. Марјан работел во Агенцијата за разузнавање, а беше приведен откако кај него беше пронајдено големо количество на оружје.
Голем дел од уапсените се и актуелни функционери, вработени во безбедносните органи на Македонија. Двајца се вработени во Агенцијата за разузнавање, двајца се вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање, четворица се поранешни вработени во Министерството за внатрешни работи, двајца се моментално вработени и еден е поранешен вработен во Министерството за одбрана, три лица се сопственици на приватни фирми, еден е вработен во Собрание , еден вработен во Државниот архив и поранешен директор на управата за финансиско разузнавање.
Неофицијално се потврдуваат имињата објавени на интернет порталите меѓу кои се и шефот на кабинетот на собранискиот спикер, Маријан Маџовски, поранешниот директор на Агенцијата против перење пари, Ване Цветанов, поранешниот полициски генерал Горан Стојков, Александар Динески од УБК, режисерот и продуцент на „Контрабанда“ што ја подготвува емисијата „Еднооки“ Борис Дамовски.
Сите уапсени се на распит во полициска станица и против нив сé уште не е поднесена кривична пријава.
При претресот во домовите на уапсените најдени е обемна документација којашто содржела класифицирани информации.
„Обезбедени се поголем број на компјутери односно 27 лап топи, деск топ компјутери, обемна документација, досиеја кои содржат класифицирани информации, 32 мобилни телефони, усб стикови, мемориски картички, 16 парчиња огнено оружје, детектор за техника“ изјави Котевски.
Ваков случај на шпионажа за странски безбедносни служби е прв во Македонија, но и во регионот./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Ја нападнал на работно место во Карпош, па и се заканувал со нож на поранешната сопруга
Вчера било пријавено дека 33-годишна жена на подрачјето на Карпош била нападната од својот поранешен сопруг кој притоа и се заканил со нож.
„На 17.04.2024 во 19.00 часот во СВР Скопје, 33-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 12.00 часот на работното место во фирма на подрачјето на Карпош била физички нападната од нејзиниот поранешен сопруг З.Б.(37) од Скопје, кој ѝ се заканил и со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Црна хроника
Ограбиле менувачница во Чаир, украле сеф со пари и избегале со возило без таблички
Вчера во 10.15 часот во СВР Скопје, М.Д.(42) од Скопје пријавил дека околу 04.20 часот неколку лица со употреба на сила и погоден предмет влегле во неговата менувачница на подрачје на Чаир и одзеле сеф со пари, по што заминале со патничко возило „фолксваген џета“ без регистарски ознаки.
По преземени мерки и активности, возилото било пронајдено на паркинг простор на подрачје на Чаир.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Скопјанец нападнал вработена во нотарска канцеларија
Скопјанец нападнал вработена во нотарска канцеларија.
На 16.04.2024 во 11.45 часот во СВР Скопје било пријавено дека во нотарска канцеларија во Скопје, Б.Ј. од Скопје физички нападнал една вработена.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.