Црна хроника
Кили осуден на година затвор, меѓу животот и смртта не го интересираат закони
Актерот Кирил Поп Христов е осуден на една година затворска казна за производство и пуштање во промет на марихуана.
До правосилноста на пресудата Кирил Поп Христов ќе остане во домашен притвор. Во својата одбрана Кили рече дека бил свесен дека прави кривично дело, но произведувал марихуана за лекување на карциномот кој му бил дијагностициран.
„Знаев дека правам инкриминирани дејанија, но кога си на самиот раб меѓу животот и смртта, одиш по острицата на нож, воопшто не ме интересираат законите. Целта ми е да си го продолжам животот“, изјави Кили пред судот.
Тој појасни дека не произведувал канабис сатива, туку канабис индика, растение во коешто имало многу мало количество на ТХЦ, супстанца којашто е забранета.
Од листовите на канабис индика правел сок и се обидел да направи масло, но неколку дена пред да биде готово маслото полицијата упаднала во семејната викендичка во скопско Визбегово.
Токму ова масло било лековито и ја подобрувало неговата здравствена состојба, а го набавувал по нелегален пат, па затоа се решил и за сопствено производство. Според актерот, од растенијата коишто биле пронајдени во подрумот од викендичката можело да се произведе само 35 милилитри такво масло, коешто би било доволно за двонеделна терапија за неговата болест.
„Триесет години пушам марихуана, а сега не можам да пушам оти канцерот ми се прошири на белодробното крило. Ова масло сега го набавувам преку интернет за 110 куни од Хрватска. Тоа е 500 мл и е разредено“, рече Кили.
Неговиот адвокат Владимир Данаилов рече дека канабис индика сé почесто се користи за лекување на канцерогени лезии и за лекување Алцхајмеровата болест и во сé повеќе држави е легализирана.
Поп-Христов беше уапсен пред неколку месеци откако во неговата куќа беа пронајдени десетици саксии марихуана./крај/мф/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Почина затвореник во Идризово
Вчера во 19:15 часот во СВР Скопје, од Казнено поправна установа Идризово Скопје било пријавено дека Р.Ф.(52) од с.Речане-гостиварско (осудено лице) починал, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи знаци на насилство.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
Црна хроника
Украден сеф со пари од продажен објект во Карпош
Во 03.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажен објект на подрачјето на Карпош, од страна на непознати сторители, со употреба на физичка сила било влезено и одземен бил сеф со пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Црна хроника
Со трактор излетал од коловоз, тешко повреден маж во Виничко
Вчера, во 17 часот, во Полициската станица Виница било пријавено дека во село Трстија, Виничко, трактор „фергусон“, со штипски регистарски ознаки, управуван од 63-годишниот С. Ј. од село Нов Караорман, општина Карбинци, излетал од коловозот, извести МВР.
„Во несреќата тешки телесни повреди добил возачот, констатирани во Клиничката болница во Штип“, соопшти МВР.
Извршен бил увид од екипа на ОВР Виница.