Црна хроника
Домашен притвор за возачот што прегази девојче
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка поднесе Предлог за определување на мерки за претпазливост по добиената кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата.
Обвинителството предложи забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Судија на претходна постапка го уважи предлогот на јавниот обвинител и со Решение ги определи предложените мерки за претпазливост.
Возачот се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот согласно чл.300 ст.4 вв чл.297 ст.3 од Кривичниот законик.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. При увидот заради првично утврдување на причините, по наредба на јавниот обвинител на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Во исто време, надлежниот јавен обвинител издаде низа наредби – за анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото, фотографирање на местоположбата на возилото и жртвата, како и Наредба за вонреден технички преглед на камионот и Наредба за обдукција на починатото лице заради утврдување на причините на смртта.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место. /крај/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Мотоциклист удри во пешак на „Партизанска“, двајцата се повредени
Синоќа на булеварот Партизански одреди во Скопје мотоцикл „дукати“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Е.П.(27) од Скопје, удрил во пешакот Н.Ѓ.(30) од с.Рашче, скопско.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил пешакот, додека мотоциклистот се здобил со телесни повреди, констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ Скопје, објави МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Почина затвореник во Идризово
Вчера во 19:15 часот во СВР Скопје, од Казнено поправна установа Идризово Скопје било пријавено дека Р.Ф.(52) од с.Речане-гостиварско (осудено лице) починал, а лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи знаци на насилство.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
По наредба на јавен обвинител телото на починатиот било предадено на обдукција.
Црна хроника
Украден сеф со пари од продажен објект во Карпош
Во 03.20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во продажен објект на подрачјето на Карпош, од страна на непознати сторители, со употреба на физичка сила било влезено и одземен бил сеф со пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.