Црна хроника
Изминатата недела царината спречи повеќе обиди за криумчарење
Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија една царинска измама, еден обид за криумчарење дрога и повеќе обиди за криумчарење стока, при што се запленети девизи, цигари, гасен пиштол со муниција, репроматеријал за текстилна индустрија, облека, автоделови и чаши.
Во два одвоени случаи, на скопскиот аеродром „Александар Велики“ биле откриени 20 илјади евра и седум илјади швајцарски франци. Во првиот случај при рентгенска контрола на патничка, македонска државјанка, која имала намера да отпатува за Рим, службениците од аеродромската безбедносна служба открија непријавени 10 илјади евра, по што извршена е дополнителна контрола од страна на царинските службеници.
Притоа, во тефтер и во новчаникот на патничката пронајдени се уште 12 илјади евра. Согласно законските прописи, на патничката и’ се вратени две илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а 20 илјади евра привремено се задржани.
Во вториот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој допатувал со лет од Цирих, во џеб од неговите панталони, пронајдени се 19 илјади швајцарски франци, за кои не поседувал документ за потекло.
Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 12 илјади швајцарски франци-противвредност на 10 илјади евра, износ што може слободно да се внесе во државата. Остатокот од седум илјади швајцарски франци привремено се задржани.
Во два одвоени случаи, од страна на инспектори од Одделението за истраги, при лични претреси на двајца македонски државјани, возачи на патнички моторни возила со македонски регистарски таблички, пријавени за излез од државата на граничниот премин Блаце, биле откриени 8.350 евра.
Во првиот случај, во џеб од панталоните на возачот пронајдени се 4.950 евра, од кои привремено се задржани 2.950 евра.
Во вториот случај, исто така, во џеб од панталоните на возачот пронајдени се 7.400 евра, од кои привремено се задржани 5.400 евра.
Во двата случаи патниците не поседувале документи за потекло на девизите. Согласно законските прописи, на патниците им се вратени по две илјади евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата.
На царинската испостава Велес откриен е обид за избегнување плаќање увозни давачки со погрешно тарифирање на стока. Фирма увозник од Велес пријавила за увозно царинење линија за изработка на кабли, декларирана во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0 отсто и стапка за ДДВ од 18 проценти.
По извршениот физички преглед на стоката и увидот во техничката документација, утврдено е дека истата треба да се распореди во сосема друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 5 проценти и стапка за ДДВ од 18 отсто.
Врз основа на ново утврдената тарифна ознака се пресметани дополнителни увозни давачки во износ од околу 308 илјади денари.
Во текот на минатата недела откриен е и еден обид за криумчарење на наркотички дроги при што се запленети околу 10 грама марихуана и 20 грама хашиш.
На граничниот премин Деве Баир, при контрола на патничко возило со француски регистарски таблички, со кое за излез од државата се пријавиле тројца француски државјани, во багажникот на возилото, во две патни торби, помеѓу личните работи на патниците, пронајдени се една мала картонска кутија со тревкаста материја со маса од 9,5 грама и една најлонска фолија со кафеава материја со маса од 20,3 грама.
При контрола со тестер за дрога утврдено е дека се работи за марихуана и хашиш.
Според изјавата на прекршителите, дрогата била наменета за лична употреба, а истата ја набавиле од Франција пред да го започнат патувањето низ повеќе земји во Европа.
Против сторителите, Царинската управа поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена истепана од својот вонбрачен партнер во центарот на Скопје
Вчера попладне во 13.00 часот во СВР Скопје, 48-годишна жена пријавила дека на 21.04.2024 околу 00.15 часот на подрачјето на Центар била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер, 49-годишниот М.М. од Скопје, извести МВР.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Расправија околу сообраќајна незгода заврши со тепачка меѓу двајца скопјани
Вчера попладне во 17.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Ѓорче Петров, по расправија околу претходно случена сообраќајна незгода, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу 60-годишниот В.А. и 34-годишниот М.Ч., двајцата од Скопје, извести МВР.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
Црна хроника
Во Тетовско, во предизборен молк се лепел пропаганден материјал, полицијата го расчистува случајот
Денеска во 01.05 часот полициски службеници од СВР-Тетово постапиле по пријава дека лица кои биле со патничко моторно возило, во тетовски села, во период на предизборен молк, лепат пропаганден материјал за претстојните претседателски избори, при што во тетовско Синичане биле затекнати Р.Р.(19) и малолетник, двајцата од истото село, како поставуваат пропагандни материјали за кандидат за претседател на претстојните претседателски избори, извести МВР.
Со нив е извршен службен разговор во Полициско одделение-Камењане, известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.