Топ
Полицијата фати возачи без возачка, пијани и со забрана за управување автомобил
Во текот на изминатото деноноќие, на целата територија на државата, полициски службеници лишија од слобода 17 возачи поради безобѕирно управување. Од нив, шест возачи од Крива Паланка, Куманово, Делчево и Радовиш управувале возило под дејство на алкохол. Возачот од Радовиш предизвикал и сообраќајна незгода, по што го напуштил местото на настанот, соопшти МВР.
Осум возачи од Скопје, Делчево, Гевгелија, Богданци, Прилеп и Македонски Брод управувале возило без да поседуваат возачка дозвола, додека еден возач од Кочани управувал возило и покрај изречена активна забрана за управување.
Во Кавадарци бил лишен од слобода возач кој управувал мотоцикл што не бил регистриран и без да поседува возачка дозвола, додека во Демир Хисар бил затекнат возач кој управувал патничко возило без возачка дозвола и под дејство на алкохол.
Министерството за внатрешни работи потсетува дека непочитувањето на сообраќајните правила и прописи директно ја загрозува безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Управувањето возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола или спротивно на изречена забрана претставува сериозен ризик по животот и здравјето на граѓаните. Апелира до сите возачи на совесно и одговорно учество во сообраќајот, со цел, како што велат, заеднички да придонесеме за поголема безбедност на патиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Уапсен осомничениот за палењето на возилата на бугарската амбасада во Скопје
Полицијата го пронајде и приведе осомничениот за денешното опожарување на две службени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека станува збор за И.Д. (44) од Скопје, кој е задржан во полициска станица.
При преземените дејствија била пронајдена и облеката што осомничениот ја носел во моментот на извршување на делото.
Од МВР информираат дека во координација со надлежен јавен обвинител се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по итна постапка.
Македонија
Осуда за инцидентот со возилата на бугарската амбасада, Муцунски најави целосно расчистување на случајот
Осуда за инцидентот во кој денеска беа опожарени возила во сопственост на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје изразил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во телефонски разговор со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Муцунски ја информирал својата бугарска колешка дека надлежните институции веќе преземаат соодветни мерки за целосно расчистување на случајот, утврдување на сите околности и изведување на сторителот пред лицето на правдата.
Тој нагласил дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија дава целосна поддршка на надлежните институции за спроведување брза, ефикасна и транспарентна истрага, со цел утврдување на одговорноста и соодветно санкционирање на сторителот.
Македонија
(Фото/видео) Опожарени дипломатски возила кај амбасадата на Бугарија во Скопје, Владата со осуда
Две возила со дипломатски статус се опожарени пред бугарската амбасада во Скопје. Од Владата го осудија овој, како што велат, вандалски чин и испратија порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран.
„Владата најостро го осудува вандалскиот и недозволив чин на опожарување на возила со дипломатски статус во непосредна близина на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје. Ваквите постапки претставуваат напад врз принципите на безбедноста, дипломатските односи и меѓународното право и не смеат да имаат место во демократска држава. Надлежните институции веќе преземаат интензивни мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителите. Како Влада сакаме да испратиме јасна порака дека секој обид за предизвикување тензии, ширење омраза или нарушување на безбедноста ќе биде максимално санкциониран“, велат од Владата.
Од таму додаваат дека државата има капацитет и ќе одговори со целосна сила на институциите и нема да дозволи поединци да ја нарушуваат репутацијата на Македонија.
„Очекуваме брза и ефикасна истрага, целосно расветлување на настанот и соодветна кривична одговорност за сторителите. Владата останува цврсто посветена на заштитата на сите граѓани и дипломатски мисии во земјата и на зачувувањето на стабилноста, безбедноста и добрососедските односи“, велат од Владата.
Бгнес претходно објави видео и фотографии од возилата. Бугарската агенција објави дека непознато лице запалило автомобили кај бугарската амбасада во центарот на Скопјe. Според првичните информации, лицето запалило автомобил „Сузуки витара“, по што пожарот се проширил на втор автомобил паркиран во близина.
По инцидентот, сторителот избегал.
