Топ
Спречени обиди за криумчарење на над 16 илјади парчиња лекови, забни импланти, опрема за тетовирање, над 12 тони овошје и зелечук и златен накит
Царинската управа спречи обиди за криумчарење на над 16 илјади парчиња лекови, 116 парчиња забни импланти, опрема за тетовирање, над 12 тони овошје и зелечук и златен накит. Во три случаи против осомничените се поднесени кривични пријави за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво по Кривичниот законик.
Вкупно 16.051 парчиња непријавени лекови, со вредност од 1,6 милиони денари, се пронајдени при контрола на автобус кој е стопиран во внатрешноста на државата од страна на мобилен царински тим и тим од службата за скенирање при Одделението за оперативни работи во рамки на Секторот за контрола и истраги. Станува збор за автобус во сопственост на туристичка агенција од Косово, кој сообраќал на релација Турција – Косово, во кој при детална контрола се пронајдени вкупно 623 вијали Prolutex (за хормонска терапија и за поддршка на бременост), 15 илјади таблети Jardiance (за лекување дијабет), како и 428 парчиња раствори за инјекции што се користат за визуелизација при магнетна резонанца – 61 вијала Clariscan, 355 вијали Gadovist и 12 вијали Genburto. Дел од нив, 428 вијали, се откриени при првична контрола во црна најлонска ќеса скриена позади седиштата, по што автобусот е спроведен до царински терминал за детална контрола, по што во фабричките шуплини на вентилацијата се пронајдени преостанатите 15.623 парчиња лекови. Против двајца осомничени од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело криумчарење, а лековите се трајно одземени.
Турски државјанин, преку граничен премин Меѓународен Аеродром Скопје, се обидел во државава нелегално да внесе 116 забни импланти кои подлежат на посебни дозволи за увоз. Во намерата е спречен од царински службеници кои при контрола на личниот багаж ги открија непријавените импланти, чија вредност изнесува еден милион денари. Против осомничениот е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“.
На Меѓународен Аеродром Скопје минатата недела е откриен и обид за криумчарење на 1.463 парчиња пирсинг од титаниум и опрема за тетовирање – 32 парчиња ножици и 70 парчиња игли за тетовирање, кои подлежат на посебни дозволи за увоз од надлежна институција. Сторителот на прекршокот е државјанин на Шпанија, кој патувал со лет Стокхолм – Скопје, со крајна дестинација Кипар. Непријавената стока е запленета, а против сторителот е поведена прекршочна постапка.
Царински службеници на граничен премин Богородица спречија обид за шверц на 12,5 тони овошје и зелечнук во вкупна вредност од 1,4 милиони денари. Имено при контрола на стока во транзитна постапка, пронајдени се 750 кг ананас, над три тони авокадо, 2,5 тони лута пиперка, 600 кг брокула, 2,3 тони јагоди, 3,3 тони киви и 40 кг печурки кои не биле пријавени со царинската декларација. Непријавената стока која осомничениот се обидел да ја криумчари е запленета, а против него од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“.
На Богородица царинските службеници, спречија и обид за криумчарење на златен накит со вредност од 581.900 денари, за којшто сторителот се обидел да избегне плаќање давачки во износ од 207.738 денари. Златниот накит е запленет, а против сторителот на кривичното дело од страна на Одделението за истраги е поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „криумчарење“, казниво по Кривичниот законик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Мицкоски нема никакви очекувања за Груевски, но ако се врати веднаш ќе оди во затвор
Веднаш откога ќе се појави во земјава Никола Груевски ќе биде упатен на издржување на затворската казна, рече денес премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на новинарски прашања по свеченоста по повод 34 години Царинска у, премиерот Мицкоски рече дека нема никакви очекувања за Никола Груевски по смената на власта во Унгарија.
„Јас немам никакви очекувања, но доколку Никола Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и тој веднаш откога ќе се појави во Македонија, нормално, органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување на затворска казна која што е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која што сите закони важат и Влада која мора да ги почитува законите и институциите во државата, а нормално секое лице има право да ги користи институциите, да ги користи своите права, да поднесува жалби и така натаму. Ние како Влада имаме пред нас правосилна пресуда со која што лицето за кое вие говорите сега е упатено на отслужување на затворска казна. Дали ќе се врати и кога ќе се врати јас немам такви очекувања“, рече премиерот Мицкоски.
Тој ја искористи можноста и преку медиумите му ја честиташе победата на Петар Маѓар. Нагласи дека со досегашниот премиер соработката беше „исклучително блиска и непосредна“, а поддршка очекува и од новиот премиер.
„Политиките кои тој ќе ги води очекувам да бидат проевропски, проинтегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот, вклучително и нашата држава во рамките на Европската Унија. Специфичните политики вклучително и прашањето со поранешниот претседател на Владата Никола Груевски се одлука на унгарската Влада така што јас не би имал што да кажам. Екстрадиција е побарана уште во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од страна на унгарските власти. Од она со кое сум запознаен постои процедура доколку лицето има право на азил поради определени причини и мислам за повеќе детали да се обратите до Министерството за правда. Јас не сум министер за правда, јас сум претседател на Влада“, рече денес премиерот Мицкоски.
Мандатарот за состав на новата Влада во Унгарија, Маѓар, кажа дека нема да обезбедува засолниште на лица кои се барани од правосудните органи во други држави, а опозициската СДСМ веќе побара од власта да поднесе ново барање за екстрадиција на Груевски.
Македонија
Ѓорѓиевски демонстрира недозволиво ниво на ароганција и неодговорност, сега ги обвинува вработените во „ЈСП Скопје“ дека со своите тужби го „блокираат“ претпријатието, велат од Левица
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, демонстрира недозволиво ниво на ароганција и неодговорност, сега обвинувајќи ги вработените во ЈСП Скопје дека со своите тужби го ʼблокираатʼ претпријатието, реагираат од Левица.
Со тоа, додаваат од оваа партија, Ѓорѓиевски не само што ги дискредитира работниците кои се принудени по судски пат да ги бараат своите загарантирани права, туку директно ја префрла вината за катастрофалната состојба во ЈСП врз оние што се најмалку одговорни за неа.
Ваквиот пристап, оценуваат од Левица, претставува опасен обид да се криминализира легитимното барање на работнички права и да се наметне наратив во кој жртвата се претставува како виновник.
„Наместо јавно извинување за состојбата во која се доведени вработените, градоначалникот избра јавно да ги прозива и да ги изложува на нетрпеливост, создавајќи атмосфера на притисок и стигматизација.
Дали според Ѓорѓиевски работниците треба да молчат, трпат и да се откажат од своите права за да не ѝ пречат на неспособноста на раководството?
Овој однос јасно ја разоткрива перцепцијата на функционерите од ДПМНЕ – дека работниците не се носители на права, туку пречка што треба да се замолчи кога бара правда.
Дополнително, оваа реторика претставува очигледен дефокус од клучниот неуспех – четири години блокирање на Советот од страна на ДПМНЕ, што директно придонесе за тоа Скопје и денес да нема нови автобуси и да функционира со деградиран јавен превоз. Наместо одговори за ветените инвестиции, за нефункционалниот систем и за секојдневниот колапс, јавноста добива обиди за префрлање вина кон опозицијата, а сега и кон самите работници“.
Според Левица, особено интересен е фактот што ваквите напади доаѓаат во момент кога се отвораат прашања за скандалозни и штетни договори во ЈСП, вклучително и оној на Игор Јанушев со „Маратон“ и приватни агенции за привремени вработувања, кои, како што велат, генерираат милионски загуби за претпријатието.
„Наместо транспарентност и одговорност за овие практики, сведочиме на агресивна комуникација и обид за замолчување на секој што укажува на проблемите.
Работниците во ЈСП не се непријатели, ниту виновници, тие се луѓе што го одржуваат системот во живот и кои, со право, бараат заштита на своите права. Нападите врз нив не се само политички некоректни, туку и морално недозволиви.
Обидите за префрлање вина нема да поминат. Одговорноста за состојбата во ЈСП е кај оние што управуваат, а не кај оние што ја плаќаат цената на тоа управување“.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,73% во однос на одлуката од 6.4.2026 година.
Од 15.3.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 82,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 84,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 95,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 96,50 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 49,227 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалуваат за 1,50 ден/лит.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 2,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалува за 3,50 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 2,084 ден/кг и сега изнесува 49,227 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 2,703%, кај дизелот за 3,251%, кај екстра лесното масло за 3,960% и кај мазутот намалувањето е за 4,476%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,7165%.
