Топ
(Видео) Уапсен осомничен за измама од над 88.000 евра: лажно ветувал лекување во странство
Денеска на Граничниот премин Табановце, лишен од слобода е 44-годишниот Б.К. од Прилеп, извести МВР.
По претходно добиени информации за сторено кривично дело „измама“, Одделот за криминалистичка полиција, во содејство со СВР Струмица – ОВР Валандово, презеде координирани мерки и активности за расчистување на случајот.
Според досегашните сознанија, во периодот од јули до ноември 2025 година, осомничениот, со намера да прибави противправна имотна корист, довел во заблуда лице од Валандово, прикажувајќи лажни факти дека ќе помогне во организирање лекување во странство за неговата сопруга.
На тој начин, оштетениот во повеќе наврати уплатил вкупно околу 88.300 евра (5.549.200 денари), во меѓувреме, неговата сопруга починала. Осомничениот е изведен пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гевгелија, при што му е изречена мерка за претпазливост, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Средба Мицкоски-Ердоган: Потврдена блиската и стратешка соработка меѓу Македонија и Турција
Премиерот на Македонија, Христијан Мицкоски, оствари билатерална средба со претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, на која била потврдена традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.
Според објавата на премиерот, на средбата било изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа.
Продлабочување на економската соработка и нови инвестиции
„Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната. Ја нагласив важноста на Турција како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“, стои во статусот на Мицкоски.
Како што напиша македонскиот премиер, претседателот Ердоган ја потврдил поддршката на Турција за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес.
Во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што била нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
На крајот од својата објава, премиерот Мицкоски изрази уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува.
Македонија
Николоски: Почнуваме изградба на нов автопат, Скопје – Блаце ќе биде главна артерија за поврзување со Косово и Црна Гора
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, оствари работна средба со Фатих Туркменоглу, директор на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), на која се разговараше за изградбата на автопатот Скопје – Блаце.
На средбата, претставниците на ЕБОР информираа дека во соработка со Јавното претпријатие за државни патишта успешно е завршена постапката за избор на Изведувач. Изведувачот на автопатот е конзорциумот предводен од македонската градежна компанија Гранит. После подолг временски период една домашна градежна компанија целосно ќе изведува автопат.
Автопатот Скопје – Блаце претставува витална патна артерија со која Македонија се поврзува со Косово и Црна Гора. Неговата изградба ќе придонесе за поефикасен транспорт и побезбеден сообраќај , ќе ја подобри поврзаноста со соседните земји и ќе создаде нови можности за економски развој, трговија и инвестиции.
Реализацијата на овој проект има големо значење за регионалното поврзување и за унапредување на транспортната инфраструктура, со што Македонија дополнително ќе ја зацврсти својата улога како важна транзитна и транспортна врска во регионот.
По завршувањето на сите административни процедури и обезбедување на соодветни банкарски гаранции ќе започне изведбата на терен и градежни активности.
На средбата беше потврдена и одличната соработка помеѓу Владата, Министерството и ЕБОР, при што беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на партнерството и поддршка на идните инфраструктурни проекти кои се од стратешко значење за државата.
Топ
Битолчанец осомничен за повеќекратно силување на 12-годишно девојче, се бара притвор
Обвинителството од Битола почна истрага против 36-годишник кој од јануари до јуни годинава силувал 12 – годишно девојче.
Контактот со детето бил воспоставен преку социјалните мрежи, каде што осомничениот и детето претходно се допишувале.
Покрај делото силување, против 36-годишникот се води истрага и за прикажување на порнографски материјал на дете.
Поради опасност од бегство, можност осомничениот да го повтори делото, но и да влијае врз оштетената и нејзиниот исказ и врз други сведоци, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор.
