Топ
За 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи успеале да убедат жена да го посвојат нејзиното бебе: кривична пријава против шест лица
Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава против Ф.А.(63), Ѓ.К.(57), И.Ш.(35), Џ.Ш.(35), сите од Скопје, како и против С.Ј.(35) од Куманово и И.А.(38) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „трговија со дете“.
Во текот на 2024 и 2025 година, Ф.А. и Ѓ.К. го извршиле делото по пат на незаконско посвојување на новородено бебе. Имено, Ф.А. користејќи ја својата положба на згрижувач на деца, воспоставила контакти со заинтересирани брачни парови. Додека, Ѓ.К., по претходен нивен договор, а поради избегнување на процедурата за посвојување на деца согласно Законот за семејство, ја користела нивната бременост, тешка материјална и социјална состојба.
Имено, поради тоа што не можеле да се грижат за нивните новородени деца, ги доведувала родителите во заблуда и ги убедувала да реализираат за одреден паричен надомест и други бенефиции незаконско посвојување на нивното новородено бебе.
На тој начин успеале да ја убедат С.Ј., која живеела во вонбрачна заедница со нејзиниот невенчан сопруг И.А., за финансиска помош од 500 евра и бесплатни гинеколошки прегледи да реализираат незаконско посвојување на нивното новородено бебе.
По отпуст од болница, С.Ј. и нејзиното бебе биле прифатени од Ф.А. и превезени до нивниот дом каде пристигнале пријавените И.Ш. и Џ.Ш. и во својство на „посвоители“ го земале бебето и го однеле во својот дом.
Во врска со наведеното, на 17.10.2025 бил склучен договор за заем на 500 евра помеѓу Џ.Ш. како заемодавач и И.А. како заемопримач, кои истиот ден му биле исплатени на И.А. како надомест за незаконито посвојување на нивното бебе. Од судија на претходна постапка на лицата им е определена мерка домашен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопјанецот кој запали дипломатски возила, со автобус стигнал до Центар, а бензинот го купил од бензинска во близина на бугарската амбасада
Обвинителството предложи притвор за 44-годишниот скопјанец кој запали дипломатски возила пред амбасадата на Бугарија во Скопје. Против него е поведена постапка за кривично дело предизвикување општа опасност.
„На 15 јуни околу пладне, на булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’ во Скопје, пред Амбасадата на Реублика Бугарија, осомничениот со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото на луѓето и за имотот од големи размери. На критичниот ден тој излегол од дома, се качил во автобус и дошол во Центар, па од бензинската пумпа во близина на бугарската амбасада наполнил бензин во пластично шише. Потоа ја преминал улицата и се доближил до двете паркирани дипломатски возила во сопственост на Амбасадата кои ги полеал со бензинот и ги запалил со запалка. Веднаш откако го предизвикал опожарувањето го напуштил местото на настанот“, соопшти Обвинителството.
Имајќи го предвид видот, карактерот и тежината на предметното кривично дело, фактот што било извршено врз две дипломатски возила на пладне, во центарот на Скопје, во период кога фреквенцијата на луѓе и возила во овој дел на градот е голема, јавниот обвиниел оцени дека постојат очигледни околности што укажуваат дека постојат условите за определување на мерката притвор и предложи на Судот да определи таква мерка за обезбедување во текот на постапката.
Свет
Објавен е договорот меѓу САД и Иран, има 14 точки
„Ал Арабија“ објави дека добил копија од договорот од 14 точки што Вашингтон и Техеран се очекува да го потпишат во петок.
Според документот, Иран и САД, заедно со сојузниците во тековната војна, ќе прогласат моментален и траен крај на војната на сите фронтови, вклучително и Либан.
Договорот предвидува меѓусебно почитување на суверенитетот, продолжување на преговорите за конечен договор во рок од максимум 60 дена, укинување на американската поморска блокада, обновување на бродскиот сообраќај, повлекување на американските сили од околните области по конечен договор, исклучоци за извоз на иранска нафта, ослободување на замрзнатите ирански средства и план за економска реконструкција на Иран во вредност од најмалку 300 милијарди долари.
Иран ќе повтори во документот дека никогаш нема да произведува нуклеарно оружје, додека прашањето за збогатениот материјал и другите нуклеарни прашања ќе бидат решени во конечниот договор. Дотогаш, двете страни би одржувале статус кво, Иран во нуклеарната програма, а САД во санкциите и военото распоредување во регионот.
Конечниот договор треба да биде ратификуван со обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на ОН.
Спогодбата поставена на овој начин претставува значајна добивка за Иран. Техеран би добил укинување на поморската блокада, враќање на извозот на нафта, пристап до замрзнатите средства, можност за укинување на санкциите и план за економска реконструкција вреден најмалку 300 милијарди долари, додека во оваа фаза е потребно само да се повтори тврдењето дека нема да произведува нуклеарно оружје и да го одржува статус квото во својата нуклеарна програма додека не се постигне конечен договор.
фото/Depositphotos
Македонија
Граѓаните ќе се изјаснуваат кај матичен лекар дали сакаат да бидат дарители на органи по нивната смрт
Владата на предлог на Министерството за здравство денес го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување.
Со предложените измени, секој полнолетен граѓанин, при посета на својот матичен лекар, ќе даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување, а таа изјава ќе се евидентира во листата во националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин. Законот предвидува и можност граѓанинот во секое време да ја промени својата одлука.
Со овие измени, првпат државата ќе има попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните, како и за нивото на информираност и доверба кон органодарителството.
Истовремено, со предложените измени се проширува и кругот на живи дарители, така што покрај досегашните сродници ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди, при што се задржува заштитниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на чинот и отсуството на принуда.
Дополнително, се предвидуваат и други решенија за олеснување на постапките, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори во делот на утврдување и потврдување на мозочната смрт.
„Со ова законско решение правиме важен чекор кон систем во кој волјата на граѓанинот ќе биде јасно изразена, поцврсто заштитена и подоследно почитувана. Чинот на органодарителство ќе произлегува од слободна и информирана одлука. Во исто време, со проширувањето на кругот на живи дарители создаваме нови можности за лекување, секогаш во строги медицински, етички и законски рамки“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
