Црна хроника
Пријави за двајца вработени во Град Скопје, правеле измами со парите за даноци
Секторот за внатрешни работи Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против Ј.С.(25) од Скопје поради „злоупотреба на службената положба и овластување“ и против С.Е.(37) од Скопје поради „злоупотреба на службената положба и овластување“, „компјутерска измама“ и „компјутерски фалсификат“. Од страна на судија од претходна постапка на двајцата пријавени им е изречена мерка претпазливост.
Според истрагата, двајцата во својство на службени лица вработени во администрацијата на Град Скопје, Ј.С. како помлад референт за архивирање на документација во Одделение за присилна наплата, прием, издавање, заверка на документи за даноци, такси и други надоместоци, а Е.С. како соработник во истото Одделение за стручни работи, во меѓусебен договор ја искористиле својата службена положба со цел стекнување противправна имотна корист, а на штета на граѓаните – даночни обврзници и на штета на буџетот на Град Скопје и општините во градот Скопје.
Во текот на 2018 и 2019 година, Ј.С. се нудел на граѓаните да им изврши услуга за плаќање на износот на данокот во нивно име, доведувајќи ги во заблуда дека им прави само услуга за да не чекаат на шалтерите во банките каде се врши уплатата. Износот на данокот му го давале во готово, а тој наместо да го уплати целосниот износ, вршел уплата на минимален износ, а останатиот дел од примените парични средства ги делел со второпријавениот Е.С.
Е.С., бидејќи имал овластување да пристапува во компјутерскиот систем на Град Скопје, каде што се евидентираат уплатите на граѓаните по основ на данок, неовластено и во договор со Ј.С., вршел преправка на износот на уплатениот данок од Ј.С. и врз основа на така преправените податоци во компјутерскиот систем ги доведувал во заблуда службените лица на Град Скопје кои биле задолжени за контрола на извршените уплати на данокот и заверка на договорите за промет на недвижност, на наследство или на подарок, во зависност од правниот основ, дека износот на даночниот долг е целосно подмирен. По заверката на договорите од нивна страна второпријавениот повторно неовластено пристапувал во компјутерскиот систем и ја враќал претходната состојба на даночниот долг.
На тој начин пријавените оштетиле вкупно 19 граѓани даночни обврзници, за вкупен износ од 3.410.366 денари а за истиот износ го оштетиле буџетот на Град Скопје, како и општините на подрачје на град Скопје, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Три лица искасани од кучиња скитници во Скопје
Три лица пријавиле во полициските станици во Скопје дека биле каснати од куче скитник во текот на вчерашниот ден, извести МВР.
На 28.03.2024 во 18.45 часот во Полициската станица Аеродром, Л.Ј.(64) од Скопје пријавила дека на пешачка патека во населбата Ново Лисиче во Скопје била касната од куче скитник.
На 28.03.2024 во 12.40 часот во Полициската станица Карпош, М.Ч.(34) од с.Катланово, скопско, пријавила дека на бул.„Митрополит Теодосиј Гологанов“ во Скопје била касната од куче скитник.
На 28.03.2024 во 17.00 часот во Полициската станица Гази Баба, А.Д.(21) од Скопје пријавил дека на ул.„Финска“ во Скопје бил каснат од куче скитник.
Црна хроника
Во судир помеѓу „бмв“ и мотоцикл тешко повреден 23-годишник од Скопје
Вчера во 13.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на крстосницата од регионалниот пат Скопје–Тетово и локалниот пат село Сарај–село Глумово се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 21-годишниот С.О. од Република Турција, со престој во Скопје и мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од 23-годишниот Ф.Ќ. од Скопје, извести МВР.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот констатирани во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, велат од МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.
Црна хроника
Тешко повредена скопјанка, во неа удрил „опел“
Вчера во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје, патничко моторно возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, управувано 38-годишниот Ј.К. од село Марино, општина Илинден, удрило во пешакот, 64-годишната М.Г. од Скопје, извести МВР.
– Во несреќата со тешки телесни повреди се здобила М.Г. констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, соопшти МВР.
Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.