Daily news
Ахмети: Реформската влада ќе се формира наскоро
Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети во четвртокот се сретна со специјалниот претставник на претседавачот на ОБСЕ, амбасадорот Кристијан Штрохал како и амбасадорот на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалаинен, пришто разговараа за политичката ситуација во земјата по настаните на 27 април, соопштуваат од ДУИ.
Ахмети ѝ се заблагодари на мисијата на ОБСЕ во земјата за постојаниот контакт со пратениците во текот на вечерта на 27 април, додаваат од партијата.
Ахмети нагласи дека новата реформска влада ќе се формира наскоро и дека новоименуваниот претседател на Собранието го врши својот дел од обврските за да се олесни и забрза овој процес, стои во соопштението на ДУИ.
Ахмети зборуваше за приоритетите на новата влада, односно реформите во судството, евроатланската интеграција, Охридскиот договор, добрите меѓуетнички и соседски односи како и отворањето на нови работни места, додаваат од ДУИ.
Ахмети изрази загриженост за можноста на поттикнување на немири во земјата за геополитички интереси и побара од меѓународната заедница своето внимание да го фокусира кон случувања во земјата и регионот, заклучуваат од партијата./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
