Daily news
(ВИДЕО) Средба Заев – Пенс: Македонија може да смета на поддршката од САД за интеграцијата во НАТО
Премиерот Зоран Заев денеска во Подгорица имаше билатерална средба со потпретседателот на САД, Мајк Пенс. Американскиот потпретседател Пенс соопшти дека Република Македонија може да смета на поддршката од САД и изрази поддршка на политиките на Владата на Република Македонија, како и на заложбите на Република Македонија за членство во НАТО.
„Ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, е дека САД стојат зад Република Македонија и зад регионот во определбите за интеграциите во НАТО“, пренесе потпретседателот Пенс.
Американскиот потпретседател Пенс се интересирал за реализацијата на планот 3-6-9, при што нагласил дека е од големо значење да се обезбеди владеење на правото во Македонија.
За САД, од големо значење се демократските процеси и во делот на борбата со корупцијата, слободни медиуми, витализирање на граѓанското општество, доброто управување.
Ставот на потпретседателот Пенс е дека премиерот Заев ги води реформските и интеграциските процеси со позитивна енергија и ентузијазам што се во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидиери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја.
Премиерот Заев во Подгорица на Самитот на земјите на Јадранската повелба е придружуван од заменик-претседателката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска-Јанковска, заменик-претседателот задолжен за спроведување на Рамковниот договор и политички систем, Хазби Лика, министерот за надворешни работи Никола Димитров, и Стево Пендаровски.
Општата оценка од Самитот, кој заврши предмалку, е дека регионот покажува голема меѓусебна солидарност, што ја има поддршката од Соединените Американски Држави, кои, како што пренесе и потпретседателот Пенс, стојат заедно со Република Македонија и со сите земји членки и набљудувачи на јадранската група во стабилноста, просперитетот и евро-атлантските интеграции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
