Daily news
Град Скопје: Труењето на бездомните животни е крајно неодговорно и опасно како за животните, така и за луѓето

Изминативе денови Градот Скопје најостро ја осуди постапката на одредени неодговорни поединци или групи, за фрлање на отров и отровни материи, со цел на труење на бездомни животни, велат од Град Скопје.
„Оваа постапка е крајно неодговорна и претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно истото претставува и кривично дело. Сепак, денеска на протест на лица и здруженија на граѓани, овој собир се искористи за повторна манипулација на граѓаните, ширејќи лаги и невистини за работењето на стационарот за бездомни животни „Вардариште““, велат од Град Скопје.
„Покрај овие фабрикувани и невистините обвинувања, навистина не знаеме зошто овие лица протестираат против работата на Град Скопје, која е единствена единица на локална самоуправа во Република Македонија која има хуман третман за бездомни кучиња“, додаваат од Град Скопје.
„Стационарот „Вардариште“ работи согласно сите законски прописи на Република Македонија и според сите одлуки донесени од страна на Советот на Град Скопје. Овој стационар работи професионално согласно принципите за хуман третман на животните – ЦНР програма (catch, neuter, release – “залови, стерилизирај, пушти“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA). Оваа Програма е поддржана од Светската здравствена организација. (WHO), а одобрена од Советот на Град Скопје. Сите лица коишто работат во стационарот се вработени со поминати стручни обуки од страна на експерти од Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA), а истите секоја година доаѓаат во ненајавени инспекциски посети и досега немале забелешки за работата на стационарот за кои се обвинува од страна на учесниците на овој собир“, потенцираат од Град Скопје.
Од Град Скопје велат дека, за потсетување, од 2009-та година до сега:
– Капацитетот на стационарот „Вардариште“ е зголемен двојно. Објектот е изграден според европски стандарди и во него се сместени 48 нови боксови за сместување и хуман третман на заловените кучиња скитници.
– Боксовите се составени од дневна соба со димензии 1,5 метри на 1,5 метри (заградена со метална мрежа и врата) и спална соба со димензии 1,5 метри на 1,10 метри (изградена од бетонски блокови, а на предната страна има метална врата). Притоа се запазени соодветните комуникации што овозможуваат непречено движење и прием на кучиња.
– За проширување на стационарот „Вардариште“ Градот Скопје потроши околу 7 милиони денари.
– Набавени 10 кафези, јамки и мрежи за заловување, како и две сафари пушки. Се планира набавка на уште една сафари пушка. Новата опрема ќе придонесе за похуман начин на заловување и третман на уличните кучиња. За набавка на опремата се потрошени околу 5.000 евра.
– Градот Скопје и ЈП “Комунална Хигиена” ги поддржуваат сите активности за вдомување на бездомните животни.
„Апелираме до сите здруженија кои стојат зад протестот да и објаснат на јавноста, зошто кога поканивме поголем број на здруженија на средби со граѓаните за тие да им ја објаснат појавата на напади од страна на бездомни кучиња, истите во отсуство на било какви аргументи избегаа од средбите и соочување со граѓаните. На тие средби, се соочивте со гневот на граѓаните и месните заедници во Скопје, и по неколку средби престанавте да се појавувате на истите, без притоа да понудите ниту еден соодветен одговор и аргумент“, порачуваат од Град Скопје.
Градот Скопје, јавните претпријатија и сите органи кои произлегуваат од него, како и во минатото, така и во иднина ќе работат согласно сите позитивни прописи во Република Македонија. /крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.