Daily news
Дачиќ: Србите се најголеми пријатели на Македонија, но Заев не се однесува така
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, оценил дека „пријателите на Србија не се однесуваат онака како што постапува лидерот на СДСМ, Зоран Заев“, пренесува Танјуг.
„Србите се најголеми и најдобри пријатели на Македонците, но постапките на Заев не се онакви како што се очекува од пријатели на Србија. Не знам со што Александар Вучиќ и српската влада заслужија ваков брутален и скандалозен напад од страна на претендентот за македонски премиер, Зоран Заев. Зарем не му се доста проблемите кои ги има во Скопје, туку бара и проблеми со Белград“, рекол Дачиќ.
Тој потсетил дека српскиот премиер и нов претседател Александар Вучиќ со денови и месеци повикувал на мирно решавање на проблемите во Македонија, притоа без да се меша во внатрешни работи, истакнувајќи дека тоа може да предизвика нестабилност во целиот регион.
„Зошто Заев не ги нападне Рама и Тачи туку го напаѓа Вучиќ? Тој не е толку наивен да не знае дека концептот на Голема Албанија не е комплетен без Скопје“, потенцирал Дачиќ.
Според него, како што македонските граѓани имаат право на слободен избор на своето раководство, така нема ниту многу поголеми и посилни земји од Македонија да одредуваат кого ќе изберат граѓаните на Србија.
„Србија кон Македонија беше искрена, ја призна под уставното име, иако со тоа доби замерки од страна на Грција, и не проговори ниту еден збор и не се вмеша во нејзините внатрешни работи, додека Македонија, пак, го призна Косово, гласаше против Србија во УНЕСКО и сега кандидатот за премиер брутално го навредува раководството на Србија и убедливо избраниот претседател Вучиќ. Сега уште фали да ја изгласаат резолуцијата за српскиот геноцид врз Албанците“, додал тој.
Реакцијата на Дачиќ доаѓа откако лидерот на СДСМ, Заев, во интервју за српските медиуми изјави дека Србите и Македонците се братски народи, но дека и во Србија на власт е „националистичкото раководство на Александар Вучиќ“./крај/мф/бс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
