Daily news
Да се стави крај на нелегалната депортација на бегалците од Македонија, повикуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права

Да се дејствува кон јавната перцепција за мигрантите во Македонија со оглед дека сè уште постои високо ниво на предрасуди, да се запре нелегалната депортација на бегалците од страна на надлежните органи и да се работи на заштита на основните човекови права на бегалците кои треба да се почитуваат од страна на институциите и од граѓаните. Ова се дел од препораките истакнати во извештаите направени во рамки на проектот „Помош на рутата- поттикнување на заштитата на човековите права на мигрантите што поминуваат низ Македонија и Србија“, чија главна цел е посилна промоција и заштита на човековите права на мигрантите, вклучително и барателите на азил, кои минуваат низ Македонија и Србија. Проектот го имплементира „Фондацијата Ана и Владе Дивац“, а партнерска организација во Македонија е Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Препораките се базирани на деталните извештаи за јули, август, септември и октомври, 2017 година, подготвени од страна на Хелсиншкиот комитет и наодите од набљудувања на 5 граѓански организации. Во нив дополнително се истакнува дека мора да се работи и на: зголемена супервизија на малолетниците без придружба во двата транзитни кампа, a при трансферирањето на бегалците од една во друга земја да се почитуваат правните процедури за соработка со надлежните органи во соседната држава.
„Полицијата и безбедносните служби не смеат да прават систематски претрес на личните предмети на мигрантите и на нивните мобилни телефони. Претресите мора да се на правна основа и врз основани сомнежи за криминални активности. Мора да се стави крај и на нелегалното, групно враќање на мигрантите од границите. Тоа претставува прекршување на основните човекови права и слободи на мигрантите и е нехуман третман“, посочуваат од Хелсиншкиот комитет.
Сепак, генералниот став за состојбата во Македонија заклучно со октомври е дека е мирна иако сè уште има проблематични сегменти на кои мора да работи. Бројот на бегалци во двата транзитни кампови во Македонија, во Вунојуг и Табановце, е мал и тие најчесто се користат за пократки престои и мал е бројот на бегалци кои остануваат подолг период. Мигрантите кои се забележани како транзитираат низ Македонија во периодот на октомври се генерално од Пакистан, додека помал дел доаѓаат од Сирија, Иран, Авганистан и Алжир.
„Во октомври забележано е зголемување на бројот на групи бегалци кои се пресретнати од полицијата на нелегалните рути низ земјата. Тие патуваат сами или со криумчари и повеќето се лоцирани во јужниот дел на земјава. Во октомври имало осум регистрирани случаи на поголеми групи кои се донесени во транзитниот камп во Гевгелија, со пет бегалци кои патувале во помали групи и 23 во поголеми групи. Речиси секој од нив веднаш бил вратен во Грција по кратко испрашување и регистрација. Им била понудена медицинска и хуманитарна помош во камповите во Гевгелија пред да бидат вратени во Грција“, велат од Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија е партнер во проектот „Помош на рутата – поттикнување на заштитата на човековите права на мигрантите што поминуваат низ Македонија и Србија“, заедно со Новосадски хуманитарен центар и Здружение на самарјанските работници, кој е поддржан од ЕУ. Дел од акцијата се и пет македонски и 15 српски граѓански организации кои работат на полето на миграцијата и барателите на азил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.