Daily news
Дипломатскиот синдикат се сомнева: се згрижуваат партиски дипломати

Синдикатот на македонската дипломатска служба (СМДС), сака да ја извести македонската јавност за крајно сомнителниот потез што Раководството на Министерството за надворешни работи го повлече оваа седмица. Имено, распишани се 20-тина интерни конкурси за распоредување на работа во нашите дипломатско- конзуларни претставништва (ДКП). Со оглед на тоа што ДКП-та се работни единици на МНР, се работи за внатрешно прераспоредување на кадрите во МНР, стои во отвореното обраќање на дипломатскиот синдикат до јавноста.
Понатаму во соопштението на СМДС се додава:
„Тоа, пак, согласно точката 90.2 од Генералното мислење на Антикорупциска (ДКСК) утврдено на 115-та седница од 07.09.2016 г., а во врска со Парламентарните избори 11.12.2016 година е – недопустливо: „Од денот на донесување Одлука за распишување на избори до завршување на изборот за пратеници во Собранието на Република Македонија и изборот на Владата на Република Македонија постои законска пречка да се врши распоредување и унапредување на лица вработени во органите на државната управа …“. Во контекст на ова, на пример, субвенциите за земјоделците не се исплаќаат заради наводен страв од Антикорупциска (ДКСК)!??“
Од синидкатот дополнуваат дека е извесно оти не се работи за некоја ургентна потреба, а што е видливо од два факта: а) најголемиот број од овие конкурси би се спровеле во јули и август оваа година; и б) меѓу другите, има и два конкурси за тнр. „испомош“, односно испраќање дипломати во ДКП-а каде, според Раководството, постои ургентна потреба.
Од друга страна, Синдикатот, кој тврди дека е целосно заобиколен во целата оваа постапка, забележува дека се планира испраќање „ургентни дипломати“ во ДКП-а кои се кадровски добро покриени и професионално функционираат на високо ниво. Од тука стравот дека идните упатувања се и во функција на „згрижување“ определени партиски кадри, но и со резервен план: во случај на евентуални идни избори да се имало мрежа од „сопствени“ кадри.
Дипломатскиот синдикат понатаму потсетува дека дипломатијата работи во услови на скратен буџет и продолжува:
„Уште еден куриозум: конкурсите се уредно потпишани од ЗМНР Илија Исајловски, инаку валиден вршител на должноста МНР од 30.12.2016 година; сепак, на друга страна, пратеникот Попоски е се уште носител на дипломатска патна исправа која гласи на Министер за надворешни работи и заменик- Премиер. Но, и одлучувач за редица прашања каде неговото „ОК“ е неопходно. Очигледно, постои јасна свест дека пратеникот Попоски го прекршува правото! Сепак, потребата да се функционира под капата на „нормалност“ е сериозен императив, но, и одличен контекст за стратешко позиционирање по сите институционални линии.
На крај, повикувајќи се на принципите на демократијата и владеењето на правото, предочуваме/повторуваме дека по одржаните парламентарни избори, Владата во заминување нема легитимитет да ја остварува извршната власт со полн капацитет“.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.