Daily news
Ексминистерот за локална самоуправа пазарел по маркети и хотели, a не приложил сметки и фактури
Државните ревизори откриле серија неправилности при ревизијата на сметката на Министерството за локална самоуправа во 2016 година, за што изразиле неповолно мислење. Дел од неправилностите се однесуваат за исплата на трошоци за репрезентации. Во 2016 година за оваа намена биле исплатени вкупно еден милион и 618 илјади денари. За дел од фактурите од 349 илјади денари нема фактури од јули 2015 до март 2016 година, а нема и сметки од кои може да се утврди за какви услуги станува збор.
Ревизијата откри дека ексминистерот од ДУИ, Лирим Шабани, направил серија пропусти. „Преку виза-картичка што ја користи министерот, за трансакции за 12. месец 2015 година и за 1., 2. и 3. месец во 2016, извршена е исплата на сметки од маркети и угостителски објекти за набавка на прехранбени артикли, пијалаци, средства за хигиена, изврешни угостителски услуги во вкупен износ од 158 илјади денари. Исплата на сметки и фактури без комплетна документација создава ризик од ненаменско и незаконско користење на средствата“, пишува во наодите од ревизијата. За надминување на состојбите, бил донесен правилник во ноември 2016 година. Дополнително, ревизорите откриваат дека биле исплатени 628 илјади денари за горива и масла, само врз основа на приложени сметки за гориво, без налози за користење на патничките моторни возила за службени потреби, без податоци за целта на патувањето, како и податоци кој е корисник на возилото. Причина за ваквата состојба е непостоењето пишана процедура за користење на возилата.
Биле ангажирани и 6 лица со авторски договори во 2015 година. Во нив ревизорите наоѓаат дека нема јасни и прецизни дефинирани обврски и работни задачи на ангажираните лица, а немало ниту извештаи за завршените активности. Две од овие лица биле ангажирани на работни места, кои воопшто не се предвидени во Правилникот за систематизација на работните места во Министерството. Во наодите на ревизорите се посочуваат и мерки кои треба да ги направи Министерството за да ја подобри транспарентноста и законитоста во работењето.
В. Маглешов
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.