Daily news
ЕУ одобри 72,3 милиона евра за поддршка на Македонија

ЕУ додели 72,3 милиона евра помош за Македонија со цел поддршка на демократијата и владеењето и зајакнување на економскиот развој и раст на земјата. Како што информираат од Делегација на ЕУ во Скопје, станува збор за две програми финансирани од ЕУ. Европската комисија на 29 ноември годинава усвои програма за активности за земјава за 2017 година. Финансискиот договор, пак, меѓу ЕУ и Владата на Македонија, за имплементација на годишната ИПА-програма за 2016 беше потпишан на 30 ноември.
Клучни приоритети остануваат контролата на границите и миграциската политика, како и поефикасна борба против тероризмот и организираниот криминал. Посебно внимание ќе биде посветено на превенцијата од радикализам и насилен екстремизам. ЕУ еднакво ќе ја поддржи и ќе ја поттикне реформата на јавната администрација, особено во делот на унапредување на транспарентноста и борбата против корупцијата, како и развој на електронски услуги за граѓаните чија цел е заштеда на времето, напорите и парите на граѓаните.
Овие нови средства од ЕУ наменети за компании, за советодавна поддршка и е-услуги за бизнис-секторот се очекува да ги подобрат перформансите на приватниот сектор и да ги направат подинамични компаниите заради создавање повеќе и подобри нови работни места, како и подобрување на економскиот профил на земјата. Во исто време планираните инвестиции во образовниот систем, кои одат паралелно со иновативните мерки на пазарот на трудот, ќе ја намалат разликата помеѓу понудата и побарувачката на трудот и ќе придонесат за намалување на невработеноста во државата. Подобрениот квалитет на едукативниот процес и на социјалните услуги ќе ги поддржат младите луѓе во земјата, како и најранливите категории граѓани преку креирање перспективи за социјален и професионален развој.
„Овие фондови покажуваат колку сериозно ја гледаме иднината на земјата во ЕУ. Тоа е причината зошто инвестираме сега во унапредување на сите нејзини системи и нивно доведување до нивото на ЕУ-стандардите, не затоа што тоа го бара ЕУ, туку заради бенефит на секој граѓанин. Изгубеното време треба да се надомести преку посилна посветеност на Владата и на администрацијата на реформите што се спроведуваат и преку посилна инволвираност на луѓето во реформите. Одговорноста е на секој колку далеку земјата ќе стигне“, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар во врска со доделувањето нови средства за Македонија од страна на ЕУ.
Од 2007 година досега земјата има добиено преку една милијарда евра од ЕУ-фондовите за поддршка на клучните реформи и инфраструктурата. Дополнителни 250 милиони евра ќе бидат алоцирани за земјата до 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Daily news
Прва правна конференција Tres Partes

На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната

Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера

Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.