Daily news
Женски протестен марш во Каракас против диктатурата
Стотици жени облечени во бело прошетаа во главниот град на Венецуела, Каракас, во знак на протест против администрацијата на претседателот Николас Мадуро, кој се соочува со општествена, политичка и економска криза, јави агенцијата Анадолија.
„Женскиот марш против репресијата” го предводеше Лилиан Тинтори, сопругата на затворениот лидер на опозицијата Леополд Лопез, додека демонстрантите носејќи цвеќе и транспаренти, извикуваа: „ Кои сме ние? Венецуела! Што сакаме? Слобода!”. Припадниците на полицијата и војската ги спречија учесниците на протестот да дојдат до зградата на Министерството за внатрешни работи, иако не се забележани судири ниту насилство.
Учесниците на протестот изразија негодување поради методите што ги користеа безбедносните сили претходните недели за да ги растераат демонстрантите. Протестот е најнов во серијата собири против владата кои траат веќе повеќе од еден месец, од кои многу беа одбележени со судири со безбедносните сили, кои користеа солзавец и гумени куршуми.Во тие судири досега загинаа најмалку 36 лица, а стотици беа повредени.
Масовните протести започнаа откако Врховниот суд за правда поништи уште еден обид на опозицијата, која го контролира Народното собрение, да го собори легитимно избраниот претседател Николас Мадуро. Мадуро ги обвини САД и неговите сојузници за помагање на венецуелската опозиција.крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
