Daily news
Заев доби награда за лидерство во Вашингтон
Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, д-р Кочо Анѓушев, на завршната свеченост на Трансатлантскиот економски форум во Вашингтон, во име на премиерот Зоран Заев ја прими наградата „Лидери на Медитеранот“, која се доделува за особен придонес за поттикнувањето на трговијата и инвестициите во Медитеранот.
„Наградата која денеска ја примам, во името на премиерот Зоран Заев, е признание за неговата работа, но и за работата на Владата што ја предводи. Бидејќи добро го познавам и имам можност секојдневно да работам со него, тврдам дека оваа награда ќе оди во вистински раце“, изјави вицепремиерот пред присутните.
Заблагодарувајќи се на наградата во име на премиерот, Анѓушев даде кус осврт на политичката ситуација во земјата изминатите две години и ги потврди евроатлантските амбиции на Република Македонија.

Потенцираше дека Зоран Заев изминатите две години работел во интерес на граѓаните со цел интегрирање на Македонија во ЕУ и НАТО.
„Ве уверувам дека Владата ќе работи одговорно и посветено да стигнеме до целта на ова патување, а тоа е Република Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ. Оваа награда ја препознаваме како поддршка за досегашната работа, а се надеваме дека еден ден Република Македонија ќе биде полноправен член на ЕУ и НАТО, развиена земја со силна економија“, истакна Анѓушев.
Вкупно беа доделени 8 награди „Лидери на Медитеранот“, а единствен лауреат од регионот доби премиерот Зоран Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
