Daily news
Заев и Борисов ќе положат венец на гробот на Гоце Делчев
По повод Денот на Републиката, 2 Август, Организациониот одбор за прослава најави повеќе настани, свечености, чествувања и обраќања.
Настаните по повод 114-годишнината од Илинденското востание и по повод 73-годишнината од првото заседание на АСНОМ ќе почнат на 2 авуст во 8 часот во црквата „Свети Спас“ во Скопје каде што пред присутните гости ќе се обрати премиерот Зоран Заев. Програмата потоа продолжува со заедничко чествување и со полагање венци со свежо цвеќе на гробот на Гоце Делчев, во дворот на црквата, од страна на Заев и бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Свеченостите по повод Денот на Републиката продолжуваат со активностите на претседателот Ѓорге Иванов, кој во 10 часот ќе положи венци со свежо цвеќе пред спомениците на АСНОМ и на Никола Карев. Во 10 часот и 25 минути претседателот Иванов ќе се поклони пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, и ќе има свое обраќање.
Во меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, во 11 часот, на свеченоста по повод Првото заседание на АСНОМ ќе говори заменик- ретседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев.
Централното одбележување на Денот на Републиката 2 Август и државните почести по повод годишнината од Илинденското востание ќе се одржат на Мечкин Камен во Крушево. Делегација на Собранието во 9 часот и 30 минути ќе положи свежо цвеќе на гробот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, а во 10 часот венци свежо цвеќе ќе бидат положени и пред Споменикот на хеорите во месноста Слива. Пред почетокот на големиот народен собир на Мечкин Камен, кој ќе почне во 12 часот, во храмот „Свети Никола“ ќе биде одржана панихида.
Отворањето на програмата на народниот собир на Мечкин Камен ќе започне со пристигнувањето и поздравот на коњаницата, по што ќе следува церемонијата на положување свежо цвеќе на Споменикот на бранителите на Крушевската Република и со интонирање на химната. На народниот собир пред присутните гости ќе се обрати претседателот на Собранието, Талат Џафери. Програмата на народниот собир потоа ќе продолжи со пригодна културно-уметничка програма.
Лајтмотивот на сите чествувања по повод празникот Денот на Републиката е „Наша Македонија – без разлика на вера, етничка припадност, пол и убедувања. Бидејќи од дедо-прадедо си живееме како браќа и сестри на оваа земја! За право, за слобода и за човечки живот“, кој е инспириран од Крушевскиот манифест.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Награда за „Бизнисот на задоволството“ на фестивалот во САД, кој ги откри Спилберг и Џорџ Лукас
Долгометражниот филм „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветaновски е добитник на наградата „Сребрено реми“ на „Хјустон интернешнал филм фестивал“ (WorldFest-Houston International Film Festival) во САД.
Овој значаен фестивал, кој постои цели 57 години е еден од најстарите во Америка и најстар во светот за независни филмови. Се гордее со тоа што во својата историја им ги доделил првите награди на легендарни режисери како што се Стивен Спилберг, Џорџ Лукас, Анг Ли, браќата Коен, Ридли Скот, Брајан де Палма, Оливер Стоун, Роберт Родригез, Спајк Ли, Дејвид Линч и уште многу други.
„Ова е голем успех. Да бидеш награден во конкуренција од над 4.000 филмови од 70 држави, е признание кое ја потврдува естетската вредност на филмот. Дефинитивно влеговме во убаво друштво, со оглед на тоа кој се’ е добитник на „Реми награда“ во историјата на фестивалот. И’ честитам на целата екипа којашто допринесе за меѓународниот успех на филмот и едвај чекам сите да се собереме повторно и во септември да го претставиме филмот пред македонската публика.“, рече режисерот Гоце Цветановски.
Наградата е деветта по ред на филмските фестивали во светот, а трета во САД, откако претходно „Бизнисот на задоволството“ го доби признанието за најдобар филм на „Риверсајд филм фестивал“ во Калифорнија и за највпечатлив филм во Седона, Аризона.
Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска, а Цветановски го потпишува и сценариото. Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.
Снимен е со поддршка на Агенцијата за филм.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.