Daily news
Меркел: Зголемување на фондот кој има цел да ги спаси градските дизелаши
Германската канцеларка Ангела Меркел вети двојно зголемување на паричниот фонд со кој би се финансирала модернизацијата на градскиот превоз во градовите со цел намалување на емисиите на јаглеродниот диоксид, како и избегнување забрана за сообраќај на возилата со дизел-мотори во германските градови.
„Фондот за одржување мобилност во градовите ќе биде зголемен од досегашните 500 милиони евра на една милијарда. Средствата за тоа се веќе обезбедени во новата пресметка“ изјави Меркел на таканаречениот дизел-самит во Берлин, на кој германската канцеларка заедно со други претставници на градови и сојузни покраини расправаа за можните решенија на проблемите за дизел-моторите, на кои во повеќе германски градови им се заканува забрана поради преголемите количини јаглероден диоксид во издувните гасови.
„Сите сме сложни за тоа дека по секоја цена треба да се избегне забраната на сообраќај на возилата во германските градови“ рекла Меркел.
Од фондот за одржување мобилност ќе се финансира модернизацијата на јавниот градски превоз во германските градови и тоа со премин на почисти погони, со помош на електрични мотори. На првиот дизел-самит беше договорено основање таков фонд, а автомобилската индустрија се обврза да користи поинаков софтвер кај новите автомобили со дизел-мотори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
